Неколку стотици луѓе, вклучувајќи семејства со мали деца, протестираа во Букурешт против мерките воведени за спречување на ширењето на коронавирусот.

Граѓаните, пред сè, протестираат против социјалното дистанцирање и обврската да носат маски во училиштата.

Само полицијата и новинарите носеа маски. Многу демонстранти носеа транспаренти и романски знамиња и не ги почитуваа правилата за социјално дистанцирање.

Еден од говорниците на протестот на Универзитетскиот плоштад во Букурешт ги спореди мерките со тортурата врз неистомислениците во комунизмот.

Во Романија, како и во поголемиот дел од Европа, последните денови се зголеми бројот на лица заразени со коронавирус.

Минатата недела е забележан најголем број регистрирани за еден ден, 1.713.

Вчера се регистрирани 1.333 нови инфекции, односно вкупно 111.550 случаи од почетокот на епидемијата, а починале 4.402 лица.