Еден од најжестоките критичари на рускиот претседател Владимир Путин, Алексеј Навални е во тешка здравствена состојба.

Според првите информации, тој летал од Томск кон Москва, но авионот морал итно да слета во Омск затоа што на рускиот опозиционер нагло му се влошила здравствената состојба.

Кира Јармиш, портпарол на Фондот за борба против корупцијата, тврди дека Навални бил отруен, и дека во моментот неговиот живот се одржува со помош на респиратори.

Веднаш почнаа да се појавуваат теории на заговор дека државата, наводно, стои зад инцидентот. Според нив, овие приказни се поткрепени со тврдења дека десет од критичарите на Путин починале од насилна смрт или под сомнителни околности.

Денис Вороненков, 2017 година

Вороненков беше поранешен член на Комунистичката партија на Русија и беше голем критичар на Путин за начинот на кој ја води земјата. Тој избегал во Украина во 2016 година, каде побарал азил. Беше убиен во 2017 година во Киев среде бел ден.

Борис Немцов, 2015 година

Во февруари 2015 година, само неколку часа откако ги повика граѓаните да учествуваат на протестен марш во врска со ангажманот на руската армија во Украина, Немцов беше застрелан со четири куршуми во грбот во близина на Кремљ.

Борис Березовски, 2013 година

Березовски беше пронајден мртов во својот дом, заклучен во бањата и со јаже околу вратот. Отпрвин се чинеше дека станува збор за самоубиство, но по извршената обдукција не можеше да се утврди точната причина за смртта.

Станислав Маркелов, 2009 година

Маркелов беше адвокат за човекови права и ги застапуваше Чеченците во случаи против руската армија. Маркелов беше застрелан и убиен од маскиран напаѓач во 2009 година во близина на Кремљ.

Сергеј Магнитски, 2009 година

Руски адвокат кој почина во притвор во ноември 2009 година, откако бил брутално претепан. Магнитски работел за бизнисменот Вилијам Браудер на случаи на големи даночни измами. Тој, наводно, бил уапсен откако открил дека некои високи полициски службеници се одговорни за тие малверзации.

Наталија Естемирова, 2009 година

Естеримова беше новинарка која истражуваше киднапирања и убиства во Чеченија. Беше киднапирана пред нејзиниот дом во Грозни, а беше застрелана неколку пати. Нејзиното тело беше фрлено во шумата.

Ана Политковска, 2006 година

Новинарка која работеше за Новаја Газета. Ја напиша книга, Путинова Русија, во која таа го обвини рускиот лидер за претворање на земјата во полициска држава. Таа беше убиена во лифтот во зградата во која живееше, а пет мажи беа осудени за нејзиното убиство.

Александар Литвиненко, 2006 г.

Литвиненко беше поранешен агент на ФСБ, кој почина три недели откако пиеше чај во еден хотел во Лондон. Во чајот бил додаден смртоносен полониум-210. Според странските медиуми, британската истрага утврдила дека тој бил отруен од агентите Андреј Луговој и Дмитри Ковтун.

Јуриј Шчекочикин, 2003 г.

Овој новинар пишуваше за криминалот и корупцијата во поранешниот СССР. Во 2003 година тој се заразил од мистериозна болест. Тој почина само неколку дена пред да отпатува во Соединетите држави. Властите во Русија никогаш не ги откриле неговите здравствени документи.

Сергеј Јушенков, 2003 г.

Јушенков беше поранешен полковник во руската армија. Откако го основаше движењето Либерална Русија, тој беше убиен пред неговиот дом во Москва.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *