Иако доби најмногу гласови и пратеници, Мило Ѓукановиќ ќе мора да го признае, како што сега се чини, првиот и тоа многу сериозен пораз во својата политичка кариера.

Просрпската опозиција, која конечно победи на „историските“ избори, што ги водеше под покровителство на Српската Православна Црква, сега слави, но исто така најавува дека ќе мора да се влезе во тешки коалициски преговори и уште потешка кохабитација со Мило Ѓукановиќ, кој останува да биде Претседател на Црна Гора.

За прв пат, Српската православна црква ги убеди просрпските партии да се обединат за да не ги растураат гласовите, но ДПС на Ѓукановиќ драстично падна бидејќи не успеа дополнително да ги мобилизира своите симпатизери.

Собранието на Црна Гора ќе брои 81 пратеник, а во овој момент опозицијата има 41 пратеник а коалицијата на Мило Ѓукановиќ има 40 пратеници. Можно е тоа да се промени во зависност дали петте пратеници на малцинствата: Албанци и Бошњаци ќе му останат лојални на Ѓукановиќ.

Сепак, најважно е како ќе се однесуваат 4-те пратеници на коалицијата Црно на бело.
Црна Гора сигурно ќе се соочи со тешки партиски преговори за состав на новата влада, но Дритан Абазовиќ и неговата Црно на бело коалиција ги држат клучевите на идната влада во Црна Гора.

Тие ќе бидат јазичето на вагата. Иако Абазовиќ најави дека може да коалицира со просрпско-проруските партии собрани во коалициите „За иднината на Црна Гора“ и „Мирот е нашата нација“, по изборите се појавија информации дека може да се случат некои промени. Имено, нивниот став во преговорите ќе биде главен за формирање на новата влада.

Особено затоа што про-српските партии славеа со српски знамиња, а Абазовиќ со црногорски знамиња. Сите веќе се прашуваат колку можат да функционираат заедно!?

Бидејќи на крајот се ќе се сведе на плус минус еден пратеник, и на која страна ќе претежне тој пратеник, се чини дека за Мило Ѓукановиќ може да биде кобен расколот и раздорот во малата хрватска заедница во Црна Гора. Имено, Хрватите секогаш давале по еден пратеник, честопати клучен за владеењето на про-црногорските опции собрани околу Ѓукановиќ, но пред овие избори тие се поделија на две партии, кои не успеаја да го надминат потребниот праг од 0,35 отсто за Хрватите да добијат еден пратеник.

На тој начин, Хрватите не само што останаа без свој претставник во Собранието, туку и ја оставија владејачката ДПС без нивната поддршка. Зошто тоа им се случи на Хрватите останува да се види во наредните денови, но ќе биде интересно да се слушне ставот на официјален Загреб дали тие индиректно помогнаа во Црна Гора да победат просрпските партии!

Во секој случај Црна Гора ја очекува неизвесност околу формирањето на новата влада, но можно е да има и големи промени во приоритетите на надворешната политика на државата. Ако про-српските партии дојдат на власт, тие би можеле радикално да ја променат геостратешката позиција на Црна Гора. Имено, дел од победничките коалиции го доведуваат во прашање суверенитетот, државноста на Црна Гора и, пред сè, националниот идентитет на црногорската нација.

Во кампањата се зборуваше и за свртување кон Русија, напуштање на НАТО и промена на политиката кон Косово и приближување кон Србија, така што ова е секако победа не само за овие партии, туку и пред голема победа за Вучиќ и руската политика на Путин на Балканот.

Во просрпските коалициски партии се пееше „Мило лопове дојде твојот крај“.

Затоа, некои стравуваат од „освета“ и одмазда од опозицијата, која чекаше 30 години да добие шанса да дојде на власт.

Црна Гора ќе се соочува со турбулентни денови, и се чини дека повеќемесечните протести против законот за слобода на вероисповед, ја направија Српската православна црква главна политичка сила во земјата. Тоа на крајот од краиштата го одлучи победникот на овие избори.

Српската православна црква ги насочи сите свои капацитети, па и повеќе од тоа, за победа на изборите и се чини дека на крајот успеа во тоа.

На Црна Гора и претстојат тешки денови, особено ако дојде до геостратешка промена во нејзината надворешна политика, што може да предизвикува бура во регионот.

Ќе видиме каква ќе биде иднината на Мило Ѓукановиќ и дали ќе успее со пари и пост изборни математики да се спаси од првиот но многу тежок пораз по 30 години власт во Црна Гора.


Напишете коментар