Американскиот претседател беше евакуиран, а Белата куќа беше под блокада, јавуваат светските медиуми.

Конференцијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, беше прекината неколку минути од членовите на тајната служба, која го извади првиот човек на Америка од просторијата за брифинг, по информациите дека имало пукање пред Белата куќа.

Според „Раша Тудеј“, вооружени припадници на тајната служба биле видени како патролираат пред Белата куќа, а новинарите биле изненадени кога им било наредено да ја напуштат просторијата каде се одржувала прес-конференцијата.

Медиумите наведоа дека се слушнале два силни истрели пред Белата куќа. Според првите информации, едно лице е повредено и однесено во болница.

„Имаше пукање пред Белата куќа“, но надвор од оградата, рече Трамп на прес-конференцијата што продолжи по неколку минути и им се заблагодари на членовите на тајната служба за нивната брза реакција.

Тој посочи дека во моментот не бил запознаен со сите детали, но дека, очигледно, еден човек бил застрелан, дека припадниците на тајната служба го раниле и дека тој бил на пат кон болницата.

„Се чини дека човекот бил ранет од членови на тајната служба, рече Трамп.

Тој претпостави дека пукањето во Белата куќа нема никаква врска со него.

„Можеби не е поврзано со мене, можеби е нешто друго“, рече Трамп.

На прашањето на новинарите дали е вознемирен од инцидентот, Трамп одговори: „Дали личам на некој што ја изгубил својата смиреност?“.

Новинарите од Белата куќа објавија дека виделе полицајци пред салата каде што се одржува брифингот.

Трамп, како и другите високи официјални претставници на САД, е заштитен од тајната служба на САД. Ситуациите, кога говорот на претседателот ќе биде прекинат од неговото обрзбедување се многу ретки.


Напишете коментар