Апсењето на 33 руски државјани во Белорусија, со обвинение дека подготвуваат државен удар во Минск, беше заедничка акција на украински и американски специјални служби, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

Сега е очигледно дека станува збор за акција на специјални служби. Тие ги користеле луѓето со измама и лажни ветувања, со цел да ги пренесат на територијата на Белорусија.

Ним им било речено дека треба да одат во трети земји, во Латинска Америка и на Блискиот исток, заради легално вработување.

Всушност, тие со измама ги донесоа на територијата на Белорусија и потоа ги претставија како можна „ударна сила“ што треба да учествува во дестабилизација на таа држава пред изборите, рече Путин.

Тој истакна дека тоа апсолутно не е точно.

Повторувам, луѓето заминаа на работа во трети земји. Едноставно со лаги ги донесоа во Белорусија. Нашите граничари не ги пуштија, тие не можеа да излезат од Русија, рече Путин, додавајќи дека тие биле однесени преку границата со фалсификувани документи.

Тој додаде дека некои учесници во настанот или набљудувачи, луѓе кои се добро информирани, дури не кријат дека станува збор за операција на украинските специјални служби, заедно со американската.

Да потсетиме, Белорусија на 29 јули уапси 33 руски државјани под обвинение за подготвување терористички акт и државен удар. Истражниот комитет на Белорусија објави дека тие влегле во земјата за да се подготват терен за масовни улични демонстрации. Подоцна, 32 руски државјани беа вратени во нивната матична земја.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *