Рускиот енергетски гигант Гаспром започна со проектирање на на главниот гасовод “Силата на Сибир 2”, кој фактички ќе ги обедини гасно-транспортните системите Запад и Исток.

Тој гасовод ќе и овозможи на Москва брзо да ги пренасочи количините на гас што во моментов одат кон Европа да одат кон Кина, со што се наметнува прашањето – дали Европа треба да стравува дека ќе остане без руски гас!?

Гаспром започна со проектирање на гасоводот „Силата на Сибир 2“ по наредба на рускиот претседател Владимир Путин, а целта на проектот е поврзување на инфраструктурата за пренос на гас во западна и источна Русија, создавање база за развој на гасификација на Сибир и отворање нови можности за извоз на гас во Кина.

Капацитетот на тој гасовод, кој ќе пренесува руски гас преку Монголија до Кина, треба да изнесува 50 милијарди кубни метри годишно.

Шефот на Гаспром, Алексеј Милер потсети дека неодамна беше потпишан меморандум со владата на Монголија за отворање на заедничко претпријатие за реализација на проектот за транспортен гасовод кој ќе поминува преку таа држава.

Да потсетиме, проектот „Силата на Сибир“ беше завршен минатата година, изградбата траеше пет години, а вредноста на проектот се проценува на околу 400 милијарди долари.

Ресурсната база „Силата на Сибир 2“ се наоѓа во западен Сибир, каде што, всушност, се произведува гас за снабдување на Европа. Главниот адут на овој проект, според експертите, е дека ништо не треба да се почнува од нула, бидејќи базата на ресурси е веќе подготвена. За разлика од првиот гасовот „Силата на Сибир” каде што беше потребно да се започне од нула и да се развијат наоѓалиштата, сега е потребно само да се поврзе новиот гасовод.

Истражителите на американскиот Конгрес подготвиле документ со кој им се препорачува на конгресмените да ги проучат последиците врз надворешната политика и безбедност на Америка што може да ги има енергетската соработка меѓу Русија и Кина и пуштањето во употреба на гасоводот „Силата на Сибир“.

Во тој документ се посочува дека во 2025 година, кога гасоводот ќе работи со полн капацитет, извозот на руски гас во Кина ќе биде 38 милијарди кубни метри годишно. Тоа е 13 проценти од вкупната побарувачка на Кина во 2018 година.

На тој начин, за пет години, Кина ќе стане вториот најголем купувач на руско гориво, по Германија.


Напишете коментар