Поранешниот портпарол на таканаречената Ослободителна војска на Косово (ОВК), Јакуп Красниќи, се појави денес за прв пат по апсењето во судницата на Специјалниот суд во Хаг. Откако му беше прочитано обвинението, Красниќи се изјасни за невин за ниту едно обвинение против него.

  • Одлучив да не ангажирам адвокат и бев убеден дека не ми треба. Сепак, моето семејство и пријателите сакаа да имам адвокат, и јас прифатив. Јас не сум одговорен за ниту едно обвинение против мене – рече тој.

Тој додаде дека неговите должности се јавни, а главната е да биде портпарол на ОВК.

  • Подоцна, јас бев задолжен и за други работи, но она што го направив со најголемо задоволство беше извршувањето на функцијата портпарол на ОВК. Јас му дадов глас на борбата предводена од ОВК, бевме решени, имавме право да се бориме за Косово и поради тоа право, добивме меѓународна поддршка. Ништо во обвинението не е точно и во наредните денови и месеци ќе дадам се од себе да го докажам тоа. Не е фер што сум тука. Ако е точно нешто од тоа што е спомнато во обвинението, би се срамел – изјави тој.

Да потсетиме, обвинението против Красниќи беше потврдено на 26 октомври 2020 година и тој е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото според меѓународното право, за различни форми на кривична одговорност.