Премиерот на Албанија, Еди Рама, го негираше пишувањето дека заедно со српскиот претседател се согласил за промена на границите по етничка линија меѓу Косово и Србија.

Весникот Стандард во напис од 27 април напиша дека Рама, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ, одобриле промена на границите по етничка линија меѓу Косово и Србија.

„Какво разочарување кога ќе видам дека таков високо ценет весник се однесува како оние што шират лажни вести“, напиша Рама на Твитер.

Тој истакна дека никогаш не рекол ништо за „нон пејперите и мапите“, ниту пак поддржал какво било повлекување на границите по етничка линија меѓу Србија и Косово.

Инаку, албанската социјалистичка партија на премиерот Еди Рама досега собра потписи на 47 пратеници за да започне постапка за отповикување на претседателот Илир Мета.

Се очекува иницијативата за разрешување на претседателот Мета да биде доставена до албанскиот парламент во текот на денот, по што ќе се формира истражна комисија која ќе го разгледа барањето, пренесува Косово онлајн.

Социјалистичката партија, која на неодамнешните парламентарни избори го освои мнозинството во албанскиот парламент, веќе објави дека ќе побара Собранието да го отповика претседателот Мета, поради наводни повреди на Уставот и учество во изборната кампања.