Тензиите меѓу Грција и Турција ескалираа во понеделникот, откако турската морнарица објави дека нејзиниот брод Орук Реис, ќе спроведе нафтено истражување во наредните две недели.

Грција планира да побара вонреден состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, поради одлуката на Турција да започне нафтено истражување во спорната област во источниот Медитеран, објавија денеска од канцеларијата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Грција и Турција имаат сосема различни погледи за тоа каде започнуваат и завршуваат нивните морски граници, а тензиите ескалираа во понеделникот, откако турската морнарица објави дека нејзиниот брод „Орук Реис“ ќе спроведе нафтено истражување во следните две недели, пренесува Ројтерс.

Грчкото Министерство за надворешни работи ја повика Турција веднаш да престане со нелегалните активности што, како што е наведено, го поткопуваат мирот и безбедноста во регионот. Од друга страна, Турција ги отфрли тврдењата на Грција, изјавувајќи дека тие се неосновани.

Грчкиот премиер Мицотакис разговараше денес со министерот за надворешни работи Никос Дендијас и побара итна средба на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Портпаролот на ЕУ, Питер Стано, рече дека пред конечната одлука за состанокот, ќе следат консултации на министрите, а нивниот редовен состанок треба да се одржи на 27 и 28 август.

Се согласивме дека ситуацијата во Источниот Медитеран е исклучително загрижувачка и мора да се реши преку дијалог, а не со серија потези што ги зголемуваат тензиите. ЕУ е во целосна солидарност со Грција и Кипар, рече портпаролот на Европската комисија, Питер Стано.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *