Реал Мадрид е еден од ретките великани на европскиот фудбал кој не се реши да го сруши постојниот стадион и да изгради нов на локација надвор од градската врева. Кралскиот клуб влезе во процес на голема реконструкција што треба да го направи Сантијаго Бернабеу најмодерниот и најспектакуларниот стадион на планетата, како што му прилега на најголемиот клуб на планетата.

Досега се зборуваше многу за трошоците за реконструкција – подигнат е заем од 575.000.000 евра за 30 години, според кој Реал ќе врати дури 796.500.000 евра на банките со камата – но малку се знае за тоа колку ќе донесе новиот стадион.

Не е тајна и општо е познато дека сите големи клубови влегуваат во вакви проекти исклучиво за подобра заработка (стадионите во 21 век се замислени како најмодерни трговски центри), но Реал повторно ги поместува границите со својот проект. Тоа ќе биде еден вид „град во град“ во кој ќе може лесно да се организираат концерти, театарски претстави, конгреси, големи саеми … И тоа не е сè. Ќе биде можно да се повлече тревникот од стадионот. Така, НБА или НФЛ натпревар може да се организира за многу кратко време, а потоа за десет или дванаесет часа, да се организира натпревар на Реал.

Звучи футуристички, но ќе биде вистина.
Стадионот на Реал ќе живее цели 24 часа, седум дена во неделата и ќе има една голема предност пред сите други стадиони од овој тип. Едноставно – се наоѓа во центарот на градот!

И, конечно, главната работа – приходот. Медиумите во Шпанија наведуваат дека Реал Мадрид годишниот обрт ќе го зголеми на повеќе од една милијарда евра со помош на овој необичен спејс шатл стадион.

Поради новиот Бернабеу, ќе се сруши цел трговски центар во близина на стадионот, а некои улици ќе бидат „пренасочени“.

Имаше и план за подигнување на капацитетот, дури и луди идеи да се обиде да го преземе европскиот рекорд од големиот ривал Барселона (99.354), но градските власти не беа подготвени да дозволат нови уривања во областа заради проширување на трибините.

Според првичниот план, новиот Бернабеу требаше да биде готов до 2022 година.Но, бидејќи Реал не играше на главниот терен подолго време поради кризата со короната, работите може да се завршат малку порано.