Работата на мостот со најголем распон во светот, кој ќе се протега преку морскиот премин Дарданели во Турција, напредува со извонредно темпо за проектот да биде завршен на време, во пролетта 2022 година.

Станува збор за висечкиот мост 1915 Чанакале кој ќе биде долг 3563 метри (со вијадукти за пристап 4608 метри). Но тоа што ќе го издвојува овој мост е главниот распон во должина од 2023 метри, со што ќе го надмине јапонскиот мост Акаши Каикуо како мост со најголем распон во светот во овој момент.

Значи, тој нема да биде најдолгиот мост на светот, туку мост со најдолга делница ( автопат или железница ) помеѓу два пилони ( столбови ) на мостот, а тие на овој мост ќе бидат високи 318 метри.

Името на мостот, 1915 година Чанакале е добиено по битката кај Галиполи од Првата светска војна (која Турците ја нарекуваат Чанакале Савашлари по местото каде што се водела битката) и ќе ги поврзе Азија и Европа на место лоцирано на околу 200 километри јужно од Истанбул, како дел од Кинали-Текирдаг- Чанакале-Савастепе.

Изградбата на овој голем мост ќе чини околу 3 милијарди американски долари, а патарината треба да изнесува околу 15 евра плус ДДВ.

Инаку, најдолгиот мост на светот, кинескиот Данианг-Куншан, е големиот мост за брзи возови, всушност вијадукт долг неверојатни 164.800 метри.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *