Сопственикот на Телекабел, Роберт Димитров, во својот фејсбук статус, се закани дека ќе ги исклучи петте национални Телевизии од програмата на Телекабел. Според Димитров, причината за таквата одлука би било можното донесување владина Уредба сите кабелски оператори да плаќаат еден отсто од нивниот бруто приход во посебен Фонд ( што треба да се формира ) за помош на медиумите.

Димитров ги обвини петте национални телевизии: Сител, Канал 5, Телма, Алсат М и Алфа за уцена и вршење притисок врз Владата. Според Димитров, уште пред два месеци петте национални Телевизии, почнаа да ги бојкотираат владините прес конференции како дел од таа стратегија со уцена да си обезбедат пари.

Димитров потврди дека во петокот имале состанок со премиерот Оливер Спасовски. На таа средба не бил постигнат договор со кабелските оператори, бидејќи веќе во понеделникот тие биле информирани дека ќе биде донесена Уредбата за формирање некаков Фонд за помош на медиумите.

Според Димитров, доколку се донесе ваква уредба, петте национални телевизии ќе бидат исклучени од Телекабел. За тоа биле информирани странските фактори во државата, како и релевантните државни институции.


Напишете коментар