Сметките на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални беа замрзнати, а неговиот стан во Москва беше одземен додека се опоравуваше од труење во болница во Берлин, изјави во четвртокот неговата портпаролка Кира Јармиш.

Ова значи дека станот не може да се продава, да се донира или да се става под хипотека“, рече Јармиш во видеото објавено на Твитер.

Таа додаде дека неговиот имот е замрзнат на 27 август, поради тужба поднесена од компанија што доставува храна до училиштата во Москва.

Во октомври 2019 година, рускиот суд нареди Навални и неговите соработници да платат 1,4 милиони долари отштета на компанијата, бидејќи според судот, тие неоправдано го доведоа во прашање квалитетот на храната.

На 44-годишниот критичар на владата на Владимир Путин пред еден месец му се влоши здравствената состојба додека патуваше со авион Сибир во Москва. Тој беше пренесен од Русија на лекување во Берлин, а германската влада извести дека тестовите спроведени во Германија, Франција и Шведска покажуваат дека тој бил отруен од нервен агенс новичок.

Членките на ЕУ ја повикаа Русија да го расветли настанот, за кој сметаат дека е обид за атентат, но Москва одбива и проценува дека нема индиции дека е извршено злосторство против Навални, кој оттогаш се опорави.

Кремљ во средата објави дека Навални може да се врати во Русија како и секој друг граѓанин.