Русија сака да и помогне на Србија, како и во првиот бран на пандемијата, кога беа дезинфицирани болниците, цели градови, испратени медицински тимови, а сега сака да ја произведе првата вакцина против вирусот корона заедно со Србија. Таков договор веќе има со пет земји, вели Наталија Шатилина, застапник на руската компанија „Смарт Тех“, во евентуалните преговори за соработка во заедничкото производство на вакцина против вирусот корона.

Таа додава дека пред властите во Србија веќе го презентирала предлогот за соработка:

Министерството за здравство беше информирано, ме контактираа од кабинетот на министерот за да ми кажат дека го добиле предлогот, чекам одговор, знам дека ќе биде потребно време. Компанијата ме овласти да преговарам со Србија, тоа е приоритет, но тоа важи и за соседните земји. Како прво, Република Српска и Црна Гора. И тие веќе беа информирани дека овој предлог за соработка со Русија постои. вели Шатилина.

Таа додава дека експертите од Русија се сигурни дека во Србија има фармацевтски компании кои можат да одговорат на овој предизвик и дека е тоа најголем предизвик за српските научници, бидејќи, како што вели, најлесно е да се увезат готови ампули.

Овој вид соработка е генерален принцип кога станува збор за Спутник V. Компанијата нуди технологија, а вакцината се произведува и пакува на територијата на земјата чијашто влада прифаќа соработка. Тоа што компанијата и го нуди на Србија веќе се реализира во други земји, во моментов се спроведуваат заеднички лабораториски испитувања во Белорусија, Казахстан, Индија, Венецуела и Обединетите Арапски Емирати.

Да потсетиме, вакцината „Спутник V“ на 11 август доби потврда за регистрација од Министерството за здравство на Русија, со што стана првата регистрирана вакцина против вирусот корона во светот.

Во моментов, во тек се пострегистрациони испитувања во кои учествуваат 40 илјади волонтери, а лекот не предизвикува несакани ефекти кај 85 отсто од вакцинираните.

Се очекува првите резултати од овие тестови да бидат објавени до крајот на месецот, кога треба да започне масовната вакцинација против короната во Руската Федерација.