Русија ја испрати првата група на свои вакцини „Спутник В КОВИД-19“ во Белорусија за клинички испитувања, прва ваква испорака во странство, соопшти рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ).

Волонтерите во Белорусија ќе започнат да примаат руска вакцина од 1 октомври, соопшти РДИФ, кој го поддржува производителот на вакцини.

Руската вакцина против вирусот корона може да пристигне во белоруските поликлиники во следните денови, изјави во петокот рускиот министер за здравство, Михаил Мурашко.

Ние се согласивме со белоруската страна за заеднички клинички испитувања. Дел од испитувањето ќе се спроведат на територијата на Белорусија, рече тој.

РДИф ќе го финансира тоа клиничко испитување во Белорусија, во кое ќе учествуваат 100 лица, наведува Фондот.
Тестот ќе се спроведе во осум медицински установи во Белорусија, а две веќе ги добија првите серии на руската вакцина.

Аналогни тестови се планираат и во Бразил, Индија, Саудиска Арабија, Египет и Обединетите Арапски Емирати.

Директорот на Фондот за директни инвестиции, Кирил Дмитријев, објави дека фондот примил апликации од повеќе од 20 земји за набавка на милијарда дози на руска вакцина против вирусот корона. Во исто време, тој посочи дека Русија се согласила за производство на вакцини во пет земји, а расположивите капацитети овозможуваат производство на 500 милиони дози годишно.