Центарот Гамалеи во Москва започнува да развива моноклонални антитела против КОВИД-19, слични на оние што се користеа во третманот на американскиот претседател Доналд Трамп. Една од главните лаборатории на институцијата ќе се занимава со развој на овој лек. Антителата ќе бидат произведени со генетски инженеринг надвор од човечкото тело и во концентрирана форма.

Русија ќе развие лек против коронавирусот КОВИД-19, кој ќе користи моноклонални антитела слични на лекот Регенерон. Грант за развој на лекот беше доделен на Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија “Н.Ф. Гамалеи ”, кој ветува дека ќе ги претстави резултатите од својата работа во есента или зимата 2021 година, пренесува ТАСС.

„Една од нашите главни лаборатории ќе се занимава исклучиво со ова. Тоа се моноклонални антитела, а тоа се всушност антитела кои штитат од вирусот и се наоѓаат во плазмата на пациентите, но тие ќе бидат генетски произведени надвор од човечкото тело и во концентрирана форма “, објасни Александар Гинзбург, директор на Центарот.

Во октомври, Трамп се зарази со коронавирус и за третман го искористи експерименталниот „коктел“ на антитела „Регенерон“, кој тогаш беше во клинички испитувања. Два дена подоцна, американскиот лидер рече дека почнал да се опоравува многу брзо.

Ова е чудо од лек. Се чувствувам одлично, едноставно се чувствувам совршено, призна тој.

Тој додаде дека секој Американец треба да има „бесплатен“ пристап до овој неодобрен лек и вети дека ќе се погрижи лекот да се појави во секоја болница што е можно поскоро. Трамп исто така потврди дека тој лично го избрал лекот за неговото лекување.

Но, извршниот директор на „Регенерон“, д-р Леонард Шлејфер, одговори дека е рано да се направат вакви аванси за лекот и дека се потребни повеќе испитувања.

Предклиничките студии покажуваат дека терапијата наречена REGN-COV2 го намалува бројот на вируси во телото и промовира заздравување на белите дробови оштетени од инфекцијата.

Следниот месец, Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА) одобри итна употреба на Регенерон за третман на КОВИД-19.