Руското Министерство за здравство утврди дека максималната продажна цена на вакцината Спутник 5 против коронавирусот може да биде 1.942 рубли (21,61 евра) за две дози.

Цената на пакетот од пет вакцини (со по две дози) е 9.710 рубли (108,06 евра), рече помошникот министер за здравство, Алексеј Кузнецов.

Вакцинацијата на граѓани кои припаѓаат на ризичните групи – просветни и здравствени работници и други – започна вчера во Москва.

Да потсетиме, вакцината Спутник 5 произведена од Институтот за научно истражување „Гамалеја“ во соработка со рускиот фонд за директни инвестиции на 11 август доби потврда за регистрација од Министерството за здравство на Русија, со што стана првата регистрирана вакцина против коронавирус во светот.

Русија има уште една регистрирана вакцина „ЕпиВакКорона“ од центарот „Вектор“, а третата е во подготовка.

Од друга страна, Модерна има доволен капацитет за производство да ја снабди Европската унија со многу поголем број доза на вакцина против коронавирус од нарачаните 80 милиони, рече во интервју за Радио Франс Инфо, шефот на американската корпорација Стефан Бансел.  Според него, компанијата е во можност да ја снабди ЕУ со 300 милиони дози вакцини.

Соединетите држави во никој случај не се главниот пазар за компанијата, рече тој.  Од 500 милиони до 1 милијарда дози што планиравме да ги произведеме, планираме да испорачаме повеќе надвор од оваа земја отколку во самата земја.