Во последните десетина дена, во медиумите во Москва се води невидена жестока полемика меѓу пензионираните генерали за тоа кој и каква улога имал во организирањето на акцијата на рускиот баталјон од БиХ за завземање на приштинскиот аеродром Слатина, на крајот од бомбардирањето на НАТО на СРЈ таа 1999 година.

Има жестоки обвинувања меѓу руските генерали не само околу тоа кој одигра одлучувачка улога во таа акција, туку и кој го блокираше влезот на руските мировници во Косово и Метохија во 1999 година.

Провоциран од изјавите на поранешниот началник на Генералштабот, Анатолиј Квашнин, кој во еден свој телевизиски настап рече тој ја подготвил и спровел целата акција, а дека за тоа не бил информиран министерот за одбрана, прв реагираше генерал полковникот Леонид Ивашов и во својата анализа во продолженија во списанието со голем тираж „Аргументи на неделата“, го обвини Квашнин „дека не ја кажал вистината за оваа операција“.

Во тоа време, таа 1999 година, сегашниот руски Претседател Путин, беше секретар на Советот за безбедност на Руската Федерација. Тој бил информиран и дал зелено светло за таа акција за освојување на аеродромот во Приштина. Сега генералот Квашнин тврди дека тие го освоиле аеродромот во Приштина за да можат да се пазарат со западните сили, бидејќи им било јасно дека еден ден ќе мора да се повлечат од Слатина.

Според Генералот Леонид Ивашов, кој беше началник на Генералниот директорат за меѓународна воена соработка на руската армија во 1999 година, целта на руската акција не била да тргуваат и да се пазарат со западните сили.

Според Ивашов, доаѓањето на руските воени сили на Косово било со една цел: Спречување на можен геноцид врз српскиот народ во Косово и спроведување на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН. За таа акција е добиена согласност од тогашниот министер за одбрана, Маршал Игор Сергеев и рускиот претседател и главен командант Борис Јелцин.

Според Ивашов “Скокот“ кон Приштина, го организирал генерал-полковник Јури Балујевски, шеф на Главниот оперативен директорат на Генералштабот на Руската Федерација, заедно со ГРУ (воена разузнавачка служба) и Главната дирекција за меѓународна воена соработка.

Јас лично го координирав влезот на нашиот контингент со претседателот Слободан Милошевиќ и началникот на Генералштабот на ВЈ Драгоjуб Ојданиќ. Се согласивме дека во случај единиците на НАТО да го нападнат нашиот контингент, југословенските вооружени сили ќе извршат силен удар врз нив. Покрај тоа, се сметаше дека ќе ги пренесеме нашите единици за слетување од Русија во Ниш. Ние го подготвувавме пристигнувањето на нашите бродови во Солун – пишува Ивашов.

Тој исто така објаснува како е донесена конечната одлука: Министерот за одбрана, Маршал Сергеев, напиша во службена нота до претседателот Елцин „ако го прифатиме американскиот предлог дека Русија нема сектор и се покорува на американскиот генерал, не само што ќе бидеме понижени, туку и тој (Елцин) да бидеме подредени на Клинтон “.

После тоа, тврди тој, Елцин се согласил руската армија, како и НАТО, да влезат во Косово во исто време.


Напишете коментар