И покрај тврдењата на официјалните лица дека првата вакцина во светот против коронавирусот е целосно безбедна, повеќе од половина од руските лекари кои учествувале во истражувањето преку Интернет велат дека не се подготвени да ја примат вакцината Спутник V.

Во анкетата во која учествувале 3.040 лекари, само 24,5 проценти од нив рекле дека ќе бидат вакцинирани, додека 52 проценти од лекарите рекле дека не би се согласиле да се вакцинираат, пренесува Раша тудеј.

Од сите испитаници, 48 проценти изјавиле дека се загрижени дека вакцината е направена за толку кратко време, додека 66 отсто изјавиле дека немаат доволно податоци за нејзинатa ефикасност.

Само една петтина од испитаниците изјавиле дека вакцината ја препорачуваат на пациенти, колеги и пријатели.

Русија објави дека првата светска вакцина против коронавирус ќе биде подготвена за употреба на крајот на август и дека лекарите ќе бидат меѓу првите што ќе ја примат на доброволна основа.

Вакцината Спутник V, именувана по првиот сателит лансиран од Советскиот сојуз во 1957 година, допрва треба да ја помине последната фаза на тестирање, а некои научници стравуваат дека Русија е подготвена да ја жртвува безбедноста заради престиж.

Александар Гинтсбург од Институтот Гамалеа за ТАСС изјави дека лекарите кои одбиваат вакцинација мора да се соочат со последиците.

Според него, доколку медицинските работници одбијат вакцина, единствениот начин да се добијат антитела е „сериозно да се разболат, бидејќи поблага форма на болеста не обезбедува долгорочна заштита“.

Руската вакцина ќе биде одобрена пред вообичаените тестови на илјадници луѓе, познати како фаза 3. Оваа фаза е клучна за вакцината да добие зелено светло од регулаторот.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека руската вакцина е безбедна и дека неговата ќерка веќе ја примила.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *