Повлекувањето на американската армија од Германија и нејзиното преместување поблиску до руските граници, редовните маневри на американските трупи во Црното Море сведочат за намерата на Вашингтон да го засили своето присуство во таа област, пишува Бизнис Инсајдер.

Со оглед на тоа што тоа е важна област за Москва, сега, според американскиот весник, во регионот на Црното Море се појавува „ново жариште на тензии“.

На крајот на јули, САД ја објавија „долгоочекуваната одлука“ за преместување на своите трупи од Германија, пишува „Бизнис инсајдер“. Според високи официјални претставници, вклучително и американскиот министер за одбрана Марк Еспер и командантот на американските сили во Европа, Тод Волтерс, преместувањето на трупите се врши во стратешки цели.

Како што изјавија, целта е американската армија да се приближи до источните граници – до регионот на Црното Море, каде што се наоѓаат новите сојузници на Америка. Волтерс објасни дека во тој формат, трупите ќе можат да „прават постојана ротација на многу локации“, што значително би ја зголемило нивната борбена способност”.

Бен Хоџес, поранешен командант на копнените сили на американската армија во Европа, го критикуваше преместувањето на американските трупи во Европа, потенцирајќи дека овие мерки нема да го подобрат нивото на борбена готовност и дека, напротив, тие би можеле да му наштетат на НАТО.

„Но, во исто време, секогаш поддржувам поголемо внимание на регионот на Црното Море, бидејќи мислам дека треба да му се даде поголем приоритет“, рече Хоџс.

Според него, уште поважна задача е да се зајакне поморското присуство на НАТО во регионот, затоа што, како што вели, ниту турските, ниту романските, ниту бугарските, ниту украинските бродови сè уште не можат да бидат еднакви со руската Црноморска флота.

Хоџес предупреди дека Москва може да одлучи да преземе некои радикални чекори во наредните месеци. Според американскиот весник, многумина зборуваат за тоа од 2014 година, а, според аналитичарите, за Кремљ во моментов не е многу исплатливо да влезе во акција за „освојување нови украински територии“.

Весникот пишува дека, без оглед на тоа, во моментов постои комбинација на многу фактори кои можат да ја туркаат Русија во акција: претседателските избори во Соединетите држави и регионалните избори во Украина, големите вежби „Кавказ 2020“ планирани за септември и сушата во Крим.

„Бизнис инсајдер“ потсетува дека Соединетите држави последниве години го зголемуваат своето присуство во Црното Море и наведуваат неколку примери.

Во јуни, командантот на американската воена морнарица Европа, Џејмс Фого рече дека минатата година осум американски бродови патролирале во Црното Море во рок од два месеци, и дека Вашингтон редовно спроведува вежби во регионот, заедно со сојузниците и партнерите.

Последните вакви маневри беа „Морски ветер 2020“. Оваа година, повеќе од 40 бродови и авиони од осум земји учествуваа на вежбите, кои официјално завршија на 26 јули. Исто така, морнарицата и воздушните сили на САД извршија слични маневри во регионот на 2 август. Според учесниците, вежбите придонесуваат подобро да се запознае теренот и да се зајакне соработката со сојузниците.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *