По повеќе од 20 часови расправа заврши џамбо седницата на македонското собрание, на која се расправаше за предлог законот за решавање на спорот меѓу владата на Република Северна Македонија и акционерското друштво Макпетрол од Скопје. На маса беа ставени 50 отсто од сопственоста на гасоводот во Македонија и обврската на владата да му исплати на Макпетрол 33 милионни евра.

Опозицијата се обиде оваа расправа да ја искористи за две работи. Прво, случајот со Га-ма или случајот со Макпетрол да го прикаже како нова Окта. И овогодинешната декемвриска собраниска седница да се поистовети со црниот понеделник од 2012 година кога пратениците на СДСМ беа брутално исфрлени од собраниската сала.

Тоа е стратегијата на Никола Груевски, кој во континуитет, по херојското заминување во Будимпешта, се обидува сите црни петна во својата политичка кариера да ги репризира. Случајот Окта е еден од нив, бидејќи како министер за трговија Груевски имаше потпишано некои анекси на договорот кои потоа беа предмет на грчката тужба во судот во Лондон. А црниот понеделник во 2012 година беше, на некој начин, увертира на тоа што се случи на 27 април 2017 година.

И се разбира, бидејќи ТВ Телма е во сопственост на Макпетрол, да се направи одредена алузија или обид за алузија на врската Груевски-Силекс-Сител и врската на Заев-Макпетрол-Телма.

Очигледно тие две работи му тежат на Груевски и оваа ВМРО ДПМНЕ кое е се уште под негова целосна контрола мораше да спроведе таква стратегија на собраниски настап.

Се разбира во фонот на оваа собраниска дебата, во медиумите под контрола на опозицијата, беше ставена и телевизијата со национална концесија Телма која е во сопственост на Макпетрол. Пред еден месец на лидерот на ВМРО ДПМНЕ му беше откажано интервјуто на оваа Телевизија. Деновиве на твитер се разви полемика и беа објавувани информации за наводна средба на првиот човек на Макпетрол, Андреја Јосифовски и Христијан Мицкоски. Таа средба не беше демантирана ниту од едниот ниту од другиот.

Наводно на таа средба Мицкоски и Јосифовски, како што се пишува на твитер, не се договориле Јосифовски да добие поддршка на ВМРО ДПМНЕ за гласање на спорниот закон, а Мицкоски да добие “загарантирани” минути во вестите и во информативниот појас на телевизијата.

Инаку се до неодамна односите на Телма и Мицкоски беа одлични и Телма поради блискоста на некои новинари или новинарки со Јордан Камчев беше медиум кој најмногу “навиваше” во случајот Рекет против СЈО.

Односите на Телма и владата долго време не беа идеални, и менаџментот на Телма и Макпетрол многу повеќе беа блиски со поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров отколку со Зоран Заев. Но во последните месеци, особено по изборите на 15 јули, односите на Телма и власта повторно станаа цврсти како бетон. Можеби “бетонирањето” се должи на договорот околу овој спорен закон за гасоводот во Македонија.