Докажаните резерви на нафта и гас на големите нафтени компании се исцрпуваат алармантно брзо и се соочуваат со ризик да бидат исцрпени за помалку од 15 години.

Капацитетите на новите наоѓалишта не можат да ги надоместат потрошените количини, предупредува норвешката аналитичка компанија Ристад енерџи во најновата анализа.

Групата најголеми светски производители на нафта, наречена „Биг оил“, изгуби 15 проценти од резервите минатата година, а останатите количини ќе се потрошат за помалку од 15 години со сегашната стапка на експлатација, освен ако групата не открие повеќе нови комерцијални извори, наведува Ристад во анализата.

Оваа задача е сè попредизвикувачка со оглед на тоа што инвестициите во истражувањето се редуцираат, а стапките на успех во откривањето на нови наоѓалишта се намалуваат.

Намалувањето на резервите може да создаде сериозни проблеми за групацијата Биг Оил, која ги опфаќа „Ексон Мобајл“, „Бритиш Петролеум“, „Шел“, „Шеврон“, „Тотал“ и „Ени“, за да ги задржат стабилните нивоа на производство во наредните години, што ќе влијае на падот на нивните приходи, пишува Ристад, а тоа претставува голема закана за плановите на енергетската транзиција во групата.

Резервите на компаниите од составот на „Биг Оил“ паднаа за 13 милијарди барели, како резултат на значително влошување на цените, а истражувањата оваа година не започнаа добро, според анализата на Норвешка енергетска консултантска компанија.

Обемот на новооткриени наоѓалишта во светот изнесуваше 1,2 милијарди барели, што е најниско во последните седум години.

Според анализата, падот на побарувачката за сурова нафта и цените како резултат на пандемијата ковид-19, во комбинација со зголемената дисциплина на капитални вложувања, резултираше со намалени инвестиции, што може да го влоши проблемот со кој се соочуваат многу големи оператори во обидот да ги зголемат своите резерви.

Продажбата на нафта и гас ќе продолжи да доминира во деловните модели на водечките европски компании, кои се повеќе се фокусираат на енергетската транзиција, додаде тој.

Способноста на групацијата „Биг оил“ да генерира идни приходи ќе продолжи да зависи од количината на нафта и гас кои компаниите ги имаат на располагање за продажба. Доколку резервите не се доволно високи за да ги одржат нивоата на производство, за компаниите ќе биде тешко да финансираат скапи проекти за енергетска транзиција. Тоа ќе резултира со забавување на нивните планови за чиста енергија, рече Парул Чопра, потпретседател на истражување на сурова нафта во Ристад енерџи.