Вакцината Модерна најверојатно ќе може да обезбеди заштита до две години, изјави денес Стефан Бансел, извршен директор на таа фармацевтска компанија од Кембриџ, во американската држава Масачусетс.

Американската компанија, која минатата година го шокираше светот правејќи вакцина за само неколку недели, вчера доби дозвола за употреба во Европската унија од европското регулаторно тело, објави Ројтерс.

Имајќи предвид дека обично се потребни неколку години за да се направи вакцина, должината на заштитата од ковид 19 покренува бројни прашања кај научниците.

  • Кошмарното сценарио што кружеше низ медиумите мината пролет беше вакцината да трае само еден месец или два. Мислам дека сега тоа не е доведено во прашање. Падот на антителата е многу бавен по земањето на вакцината. Ние веруваме дека заштитата ќе трае најмалку две години – рече Бансел.

Бансел додаде дека неговата компанија ќе докаже дека вакцината ќе биде подеднакво ефикасна и против новите јужноафрикански и англиски соеви на коронавирусот, со што се согласуваат независни научници.