Се појави првото видео од убиството во Париз. Како што може да се види, телото на убиениот лежи на тротоарот, додека околу него се припадници на безбедносните сили.

Осомничениот за нападот во Париз во кој брутално беше убиен еден наставник е најверојатно имигрант од Чеченија кој имаше само 18 години. Неговото име не беше објавено и тој почина откако беше застрелан од полицијата.

Човекот кој денес беше обезглавен од напаѓачот во предградието на Париз, беше предавач во средно училиште и на децата им покажуваше карикатури на пророкот Мухамед, соопшти Ројтерс.

Наставникот бил идентификуван како Самуел П.

Кога станува збор за напаѓачот, не се знае многу за него. Иако некои медиуми објавија дека можеби станува збор за „бесен родител“, „Дејли меил“ пренесува зборови на извори од истрагата кои наведуваат дека напаѓачот има „чеченско потекло“.

„Ле Паризиен“ наведува дека осомничениот е 18-годишник со чеченско потекло и дека тој не е Алжирец роден 1992 година, како што првично беше објавено. Според некои наводи, напаѓачот е роден во Москва, но руската амбасада сè уште ги проверува тие информации.

Полицијата го уби напаѓачот, а обвинителот рече дека го истражува нападот што се случил во населбата Конфлан Сен-Онорин, предградие северозападно од Париз.

Полицијата го забележала осомничениот напаѓач додека носел нож на кратко растојание од местото на нападот и пукала кон осомничениот. Извор од полицијата рече дека сведоците слушнале како напаѓачот извикува „Алаху Акбар“ или „Бог е голем“. Портпарол на полицијата рече дека оваа информација исто така се проверува.

Низа насилни напади од исламистички екстремисти беа забележани во Франција во последните неколку години.