Вилата на Јованка Броз во белградската населба Дедиње се реновира за високо резиденцијални цели.

Таа вила се наоѓа во елитниот дел на Белград, спроти влезот во Белиот Дворец каде сега живее кралското семејство Караѓорѓевиќ.

Во таа вила Јованка Броз живееше скоро 40 години, од разделбата со Јосип Броз Тито, па се до нејзината смрт. По нивната разделба, иако тие никогаш официјално не се разведоа, Тито остана да живее во вилата на Ужичка број 15.

Според публицистот Жарко Јокановиќ, кој ја напиша книгата Јованка Броз, вилата била во така лоша состојба и без греење што поранешната прва дама на СФРЈ морала да ги полни шишињата со топла вода како би можела да се грее во текот на зимските месеци.

Вилата се наоѓа на улицата Кнезот Александар Караѓорѓевиќ број 75 и е дел од системот на државни репрезентативни објекти.

Причината за нејзиното реновирање е руинираната состојба во која се наоѓала куќата. Рехабилитацијата започна во 2019 година со цел да се спречи нејзиното пропаѓање, соопшти српската влада.

Таа вила е предвидено да ја користи новиот српски премиер.

Новиот мандатор за формирање на новата српска Влада сè уште не е познат, па не се знае кој ќе биде сместен во вилата каде престојуваше вдовицата на Јосип Броз Тито.


Напишете коментар