До албанското Собрание поднесов барање за интерпелација на премиерот Еди Рама, за да даде објаснувања во врска со проблемите на сопственоста и процесот на легализација во општина Пустец.

Ова на својот фејсбук профил го напиша Васил Стерјовски, пратеник во албанското Собрание и Претседател на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.

Во образложението на интерпелацијата Стерјовски наведува:

Врз основа на член 96 од Деловникот за работа на Собранието, го поднесувам барањето за интерпелација со премиерот г-дин Еди Рама за да даде објаснувања во врска со проблемите на сопственоста и процесот на легализација во општина Пустец.

Општина Пустец е единствената општина во Република Албанија каде ниту еден објект изграден без одобрение не е легализиран како пред 1991 година така и по ова година, пишува Стерјовски.

Според Стерјовски, веќе 30 години на жителите на македонската заедница во Општина Пустец им е ускратено правото да ги легализираат објектите, иако во споредба со другите општини тука, бројот на дивоградби е многукратно помал.

Друг проблем за Општина Пустец, вели Стерјовски, е што државното земјиште што според законот припаѓа на Општина Пустец нема имотен лист и општината губи приходи од тоа што не може да го издава под закуп.