Полицијата на аеродромот во Чикаго уапси човек што поминал три месеци во обезбедениот дел од аеродромот, од страв да патува со авион среде епидемијата на коронавирусот.

Адита Синг (36) воопшто не бил забележан додека престојувал во делот на аеродромот за меѓународен сообраќај, а бил уапсен дури откако полицијата го легитимирала, објави обвинителството.

Додека му ги проверувале документите, тој на полицијата ѝ покажал картичка на која пишувало дека е менаџер на аеродромот. Вистинскиот сопственик на картичката во октомври пријавил дека го изгубил документот.

Синг ја пронашол картичката на аеродромот, каде што останал подолго отколку што планирал, бидејќи поради коронавирусот се плашел да се качи во авионот и да се врати дома.

Синг живее во предградие на Лос Анџелес и нема криминално досие. Не е познато зошто престојувал во Чикаго.

Обвинет е за упад во забранета област на аеродромот и за кражба на картичка.