Секој глас против Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ беше глас за Заев, а секој глас против Заев и СДСМ беше глас за демократијата. Тоа беа двете стратегии, на двете најголеми партии, со кои тие одеа на овие избори. Првата стратегија беше страв за зачувување на лидерската позиција во ВМРО ДПМНЕ, а втората стратегија беше чуство на супериорност дека е бетонирана позицијата на Заев во власта и во СДСМ.

И на изборите се случи тоа што се случи. Тоа е како да имате две деца. Едното од нив е со сите петки, а второто е со двојки и тројки. Тогаш и очекувањето од едното и другото се различни. Од тоа со двојки сте среќни ако извади тројка, а сте пресреќни ако има по некоја четворка. И тоа се случи вчера со Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ. И тие со право слават голема победа, а ние во оваа прилика им ја честитаме таа голема победа. Бидејќи ништо не може да биде поголемо од некоја победа кога постојано над глава ви виси стравот од голем пораз и губење на се во политиката. Затоа никогаш немојте да потценувате очаен човек, без разлика дали е тоа во политиката или во животот.

Таа група на луѓе, кои можеа вчера да изгубат се, победија на изборите. Тие веќе ги имаа изгубено привилегиите и парите од времето на Груевски, а ако ги изгубеа привилегиите и во партијата тогаш ќе останеа без ништо во политиката. Затоа беа компактни. И победија. А беа подготвени да направат се што треба за победата. Играа на картата: Колку сме, толку сме, токму сме и не оставија ниту еден опозициски глас да оди на конто ниту на СДСМ ниту на друга политичка партија, освен Стевчо Јакимовски со советнички листи во Карпош и Левица која е веќе партија во надолен тренд. Толку беше од таа магија на Апасиев.

Затоа секој кој беше против Мицкоски и ВМРО немаше пристап на медиумите финансирани со унгарски пари. Кога беше Солза Грчева против Мицкоски ја немаше на тие медиуми, а сега отвара и затвара сезони на истите каде што беше персона нон грата. И тоа не е нешто што треба посебно да се објаснува. Тоа е суштината на италијанското катанаџо во фудбал: Ти можеш да дадеш четири гола, но ако примиш пет гола ќе го изгубиш натпреварот. Но, ако не примиш гол сигурно нема да изгубиш. Тоа беше стратегијата на ВМРО. Го чуваа голот и победија. И тука нема и не може да им се стави ни збор замерка.

СДСМ направи се обратно. И промаши. Можеме да бараме милион грешки на СДСМ и ќе најдеме не еден милион туку ако треба и два милиони грешки, грешкички, промашувања или погрешно толкување на нивните политики. Но СДСМ не загуби поради тоа. СДСМ загуби поради три големи стратегиски промашувања.

Прво, веќе два изборни циклуси, СДСМ на изборите не се бори против ВМРО ДПМНЕ, туку против своите со кои или се во коалиција или биле дел од нивната коалиција. На ланските избори СДСМ главната битка ја водеше против ДУИ, и нивната стратегија Албанец за премиер, и наместо СДСМ да има од шест до осум пратеници повеќе од ВМРО ДПМНЕ, на крај имаа само два пратеника повеќе. И пиарот на СДСМ не само што не извлече никаква поука од ланското промашување, туку ја повторија грешката и оваа година. Стравично промашување на Забрчанец, Спасов-и и целата таа екипа.

На овие избори СДСМ отиде со две проценки. Прво, го избраа Христијан Мицкоски за свој противник и Заев пролетоска му помогна на Мицкоски да остане на чело на ВМРО ДПМНЕ. И го потценија повеќе отколку што требаше. Навистина е Мицкоски лош политичар, но и на лош политичар по законот на веројатност еднаш ќе му се наместат добри карти. Притоа картите на Мицкоски не беа толку добри, колку што на Заев му дадоа, или сам влезе во таква комбинација, да игра со лоши карти. И второто промашување е дека битката ќе се води меѓу Левица и Апасиев од една и Мицкоски од друга страна. И тоа не се случи. Апасиев и Левица беа невидливи на изборите и целата нивна кампања беше ставена во сенка на Петар Георгиевски Камиказа. Што ќе рече, Левица повеќе и направи штета на СДСМ отколку на ВМРО ДПМНЕ. И тоа беше второто огромно стратегиско промашување на стратезите на СДСМ.

Ако вие го избирате Мицкоски за противник, врз база на анкети и стратегија, тогаш и дуелите треба да ги водите врз база на таа стратегија. Бидејќи разликата во рејтингот меѓу Заев и Мицкоски била секогаш поголема од разликата во рејтингот меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Но кога така ќе одберете и одлучите тогаш противникот треба да ви биде Мицкоски и целата кампања така да ја водите. И СДСМ во два наврати самите ја рушат сопствената стратегија која е добра-да се игра на Мицкоски. Лани Заев и СДСМ водеа битка против Ахмети и ДУИ. И промашија. Сега повторно промашија.

Оваа година, стратезите на СДСМ дозволија дебатите за градоначалник на Скопје да доминираат со целата кампања, во финалето или во последните десет дена на кампањата. На тој начин Петре Шилегов, а не Заев стана лицето на СДСМ што беше катастрофално промашување. И противник на СДСМ не беше Мицкоски, тој беше невидлив или многу малку видлив во кампањата. И тоа беше предност за ВМРО ДПМНЕ, бидејќи колку луѓето помалку го гледааат Мицкоски толку повеќе гласаат за ВМРО ДПМНЕ. Иако кај бројот на гласови на ВМРО нема некои поголеми промени, но се намали драматично бројот на гласови на СДСМ.

СДСМ дозволи, на условно речено “нивните” телевизии, градоначалничките дебати за Скопје да ги поклопат локалните избори. И таму ви се случува едно класично герила сценарио кое го потопи СДСМ. На тие дебати Шилегов беше сам против сите. И така се прати порака кај гласачите. Ако некој е персонификација на ароганција во овој СДСМ тоа е Петре Шилегов. Не може Шилегов да направи толку многу резултати кои можат да ја покријат ароганцијата и нервозата во сите негови јавни настапи.

И место мирна кампања против Данела Арсовска и еден до два телевизиски дуели на Петре против Данела, Петре искрвари во герила дуели против Арбен Бени Шакири, Александар Тортевски и Патар Георгиевски Камиказа. Шакири, кој пееше на сите митинзи на СДСМ, чија сестра е в.д. директор на Театарот Комедија ( сега направете споредба како се однесуваше Јелена Жугиќ како директор на Театар Комедија во мандатот на Никола Груевски и Нора Шакири во мандатот на Зоран Заев и се ќе ви биде јасно ) и кој е преставник на коалицијата ЛДП и ДОМ кои се дел од владината коалиција. Тортевски кој беше дел на шарената револиција. И Камиказа кој го глумеше Бранко Црвенковски, дека на 17 октомври народот ќе ја земе судбината во свои раце, со алузија на бранковото легендарно на 15 септември.

Никој не ја чепкаше Данела. Петре се бореше, условно речено, против своите. И место да води мирна кампања, како Митко Јанчев во Кавадарци, еден невидлив тв дуел и потоа секој да има свој јавни настапи на локални медиуми, стратезите на СДСМ дозволија Петре да искрвари во тие дебати. И дебатите не беа Заев против Мицкоски или Петре против почесниот унгарски конзул Данела, туку Петре и СДСМ против сите кои се назадоволни од СДСМ, а го донеле на власт СДСМ. И таа битка СДСМ катастрофално ја изгуби. Не ја добија ни Шакири, Тортевски и Камиказа, но им помогнаа да Мицкоски, ВМРО и Данела да имаат добар резултат.

И на крај го имаме факторот Бранко Црвенковски. Тој постојано ја повторува онаа излитена фраза, дека оваа СДСМ е негова ДНК. Ако е негова ДНК, значи тогаш тој е таткото на оваа СДСМ. Ако ја прифатиме таа теза, тогаш легендарниот Бранко Црвенковски е татко од типот на Јозеф Фрицел на оваа негово дете кое се вика СДСМ, во политичка смисла на зборот. И постојано БЦ на СДСМ, во политичка смисла на зборорт, му го прави тоа што Фрицел им го правеше на своите деца, а тоа е еден неприроден политички инцест. И во 2006 година го донесе Груевски на власт, само да го симне Бучковски од чело на СДСМ, и во 2008 година ја симна Шекеринска од чело на партијата, за тој да се врати во 2009 година, и сега, можеби нема да го донесе Мицкоски на чело на владата, може ќе донесе некој Живко на Мицкоски, но ќе направи се да го симне Заев од чело на СДСМ. И редно е членовите на СДСМ да сфатат дека злото на СДСМ не се Бучковски, Шекеринска или Заев, злото на СДСМ е самонаречениот ДНК татко-Бранко Црвенковски.

Се разбира, тука има уште милион работи, да се цени дали штетата на Мила Царовска со учебниците или на Венко Филипче со вакцина политиката и направија поголема штета на СДСМ, но тоа го има секогаш и во секоја партија. Трите крупни промашувања на стратезите на СДСМ ги решија изборите.


3 thoughts on “Секој глас против Мицкоски беше глас за Заев, а секој глас против Заев беше глас за демократијата, како се случи потопот на СДСМ!?”

Comments are closed.