Околу половина од учениците во основните и во средните училишта во Скопскиот Регион или 48,3 отсто биле жртви на врсничко насилство или булинг, еднаш или повеќе пати во текот на изминатата школска година, објави Мета.

Вкупно 37,4 отсто од учениците еднаш или повеќе пати биле жртви на психолошко насилство, 29,5 отсто биле жртви на социјална агресија, повреда на сопственост доживеале 19,4 отсто, додека физичко насилство доживеале 6,6 отсто. Врсничко насилство извршиле 26,1 отсто од учениците еднаш или повеќе пати во минатата година.

Според видот на насилство, 15,8 отсто од учениците направиле психолошко врсничко насилство, социјалната агресија е извршена во 12,6 отсто, додека повреда на сопственост извршиле 4,2 отсто ученици. Физичко насилство врз врсници извршиле 4,9 отсто од учениците. Вкупно 13,9 отсто од нив, повеќе пати или секогаш во текот на минатата година биле жртви на сексуално вознемирување, додека 2,1 отсто од нив известиле дека извршиле сексуално вознемирување.

Во однос на сајбер насилството, 14,9 отсто од учениците, повеќе пати или секогаш ланската учебна година биле жртви на сајбер насилство, додека 4 отсто биле извршители на сајбер насилство.

Тоа го покажуваат  резултатите од истражувањето „Врсничко насилство меѓу младите во основните и средните училишта во Скопје“, спроведено од септември до ноември 2019 година, од страна на дел од тимот на Катедрата за психологија при Универзитетот Американ Колеџ Скопје, во соработка со УНИЦЕФ, а главен истражувач е доцент д-р Димиринка Јорданова Пешевска. Резултатите беа презентирани на вчера одржаната вебекс платформа на „Националниот консултативен состанок за врсничкото насилство помеѓу младите во основните и средните училишта во Скопје“.

Примерокот опфатил вкупно 770 ученици од основно (вкупно 335 ученика) и средно образование (вкупно 435 ученика) на возраст од 11 до 16 години.

Со цел да се унапреди превенцијата и заштитата на децата од насилство во училиштата, на состанокот била нагласена потребата од сеопфатен систем за рана детекција, заштита, документирање и упатување, креирање на превентивни програми засновани на докази (психолошки советувалишта, програми за позитивно родителство, спречување на трансгенерациското насилство), континуирана едукација и развивање на вештини за интервентни програми на наставниот кадар и стручните служби, јакнење на мултисекторската соработка и друго.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *