Пекинг смета дека главната закана за меѓународниот поредок доаѓа од Вашингтон, изјави портпаролот на Министерството за одбрана на Кина, Ву Кјанг, пренесува Синхуа.

Долгогодишното искуство покажува дека токму САД предизвикуваат регионални немири, го нарушуваат меѓународниот поредок и го уништуваат светскиот мир, рече Кјанг, коментирајќи го извештајот на Пентагон кој е испратен до Конгресот за воениот потенцијал и целите на Кина.

Тој потсети дека во последните 20 години САД незаконски започнаа војна во Ирак, Сирија и Либија. Агресивните активности на Вашингтон предизвикаа смрт на повеќе од 800.000 луѓе, додека десетици милиони мораа да ги напуштат своите домови, нагласи Кјанг.

Портпарол на воениот оддел на Кина го нарече извештајот на Пентагон уште еден доказ дека Вашингтон сака да го оцрнува Пекинг и вооружените сили на земјата. Тој ги повика Соединетите држави да се однесуваат објективно и рационално кон кинеската национална одбрана и да престанат да даваат лажни изјави. Кјанг се залагаше за здрав развој на билатералните воени односи.

На почетокот на септември, Пентагон во својот годишен извештај до Конгресот за потенцијалите на Кина објави дека Пекинг најмалку ќе го удвои својот нуклеарен потенцијал во следните 10 години.