Пожарите кои истовремено зафатија неколку од најексклузивните летувалишта во Турција, во голема мера се ставени под контрола.

Турските медиуми шпекулираат дека можеби пожарите биле подметнати. Се споменува Работничката партија на Курдистан.

Курдистанската работничка партија (ПКК) не е официјално обвинета, но на социјалните мрежи кружат шпекулации дека Курдите би можеле да стојат зад подметнувањето пожари, преку организацијата Иницијатива на деца на огнот, чии членови и поддржувачи ги поздравија пожарите на Твитер.

ПКК, инаку, „има долга традиција да подметнува пожари во шумите како еден вид одмазда против Турција, и во тие инциденти беа убиени десетици илјади луѓе, а природата беше уништена“, пишува турскиот весник Дејли Сабах. Приватната новинска агенција ДХА, исто така, наведува дека две деца на возраст од осум и десет години признале дека „случајно подметнале еден од пожарите со палење на нивните книги“.

Повеќето шумски пожари во Турција сега се под контрола, додека областите на западот од земјата се уште се борат со огнената стихија, изјавија турските власти, најавувајќи истрага за причините за пожарите.

Агенцијата Анадолија јавува дека 70 шумски пожари се ставени под контрола низ целата земја.

Министерот за земјоделство и шумарство Бекир Пакдемирли на Твитер објави дека околу 4000 луѓе, шест авиони, девет беспилотни летала, како и хеликоптери се вклучени во гаснењето на пожарот.

Зборувајќи за пожарите во Мугла, Пакдемирли рече дека има „мала штета“ во одморалиштата Мармарис и Мугла.

Не е закана за населените места, огнот се движи кон морето, рече Пакдемирли.

Според турскиот весник Дејли Сабах, пожарите во Турција се вообичаени во овој период од годината поради високите температури, но последните биле катастрофални бидејќи предизвикале голема материјална штета кога биле уништени цели села.

Најголемата штета е предизвикана околу градовите лоцирани во регионите Анталија и Мугла, каде што пожарот им се закануваше на популарните летувалишта. Јужните региони Мерсин, Адана и Османија исто така беа погодени од пожарот.

Управата за справување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) соопшти дека жртви на пожарите во Манавгат се 271 лице, од кои 73 се хоспитализирани.

Во пожарите низ Мугла беа повредени 49 лица. Што се однесува до пожарот во Мерсин, АФАД наведе дека 6.386 лица од областите Ајдинџик и Силифка се евакуирани во безбедни области.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера објави дека е приведено лице кое може да стои зад серијата пожари во земјата.

Едно лице беше приведено во врска со пожарот во Милас. Наша обврска е да ги најдеме одговорните за палењето на шумите, рече Ердоган на прес -конференција во Мармарис, пренесува ТАС С.

Бројот на жртвите од пожарите во Турција се искачи на шест, откако двајца пожарникари ги загубија животите во обид да го стават под контрола пожарот во Манавгат. Илјадници луѓе беа евакуирани од своите домови.

Според Ројтерс, чадот и пепелта од пожарот што беснее во Анталија и Мерсин се проширија на островот Кипар, оддалечен околу 150 километри, покажаа сателитските снимки.

Турскиот министер за земјоделство и шумарство Бекир Пакдемирли изјави дека во последните четири дена избувнале вкупно 101 пожар, од кои 91 се ставени под контрола.

Пакдемирли рече дека пожарите продолжиле во јужните крајбрежни провинции Анталија, Мерсин и западната крајбрежна провинција Мугла, вклучувајќи го и Бодрум и централната провинција Усак.

Турските метеоролошки служби велат дека прогнозите упатуваат на топлотни бранови долж бреговите на Егејското Море и Медитеранот. Се очекува температурите во Анталија да достигнат од 43 до 47 Целзиусови степени следната недела.