Што ако кандидат за претседател на САД умре или се повлече од трката? Ова никогаш порано не се случило. Хоспитализацијата на Трамп само еден месец пред изборите на 3 ноември покрена прашања за тоа што би се случило доколку се случи тоа?

Ниту еден кандидат на претседателските избори во САД досега не починал или морал да се повлече од трката близу до изборите, но хоспитализацијата на претседателот Доналд Трамп за коронавирус само еден месец пред изборите на 3 ноември покрена прашања за тоа што би се случило ако се случи тоа.

Трамп има 74 години, а неговиот противкандидат кој наводно е со релативно добро здравје Џо Бајден има 77 години и е најстариот демократски кандидат во историјата.

Што ако претседателски кандидат ја напушти трката? Ќе има одложување на претседателските избори?

Тоа не е веројатно. Датумот на избори е законска категорија и тие секогаш се во вторник, по првиот понеделник во ноември.
И во Конгресот каде има мнозинство демократи и во Сенатот, каде има мнозинство републиканци, ќе треба да се согласат на одложување.

Дури и за време на американската граѓанска војна, изборите во 1864 година се одржаа како што беше планирано и Абрахам Линколн го освои вториот мандат.

Може ли кандидатот да биде заменет?
Републиканската и демократската партија имаат правила како да го заменат претседателскиот кандидат доколку е потребно.

Во случајот на Републиканската партија, 168 членови на Националниот комитет на партијата може да гласаат за избор на заменик на Трамп.

Комитетот, исто така, може да ја свика националната конвенција со повеќе од 2.500 делегати за да избере нов кандидат, но поради краткиот рок, ова веројатно не е изводливо.

И во двете сценарија би било потребно обично мнозинство.

Кај демократите, новиот кандидат би бил избран од скоро 450 членови на Националниот комитет на партијата.

Може ли кандидат за замена да биде на гласачкото ливче?

Најверојатно не. Проблемот е во тоа што гласачките ливчиња се веќе отпечатени и повеќе од три милиони Американци веќе гласаа по дописен пат.

Што е со електорскиот ( изборниот ) колегиум?

Иако изборите се општи, за изборот на Претседател е потребно апсолутно мнозинство од 538 членови на електорскиот колегиум. Во секоја американска држава, освен во две, Небраска и Мејн, кандидатот кој ќе добие најмногу гласови од гласачи во државата ги добива сите нејзини електорски гласови.

Ништо во уставот не ги обврзува електорите да гласаат за овој или оној кандидат, но Врховниот суд донесе одлука во јули дека државите можат да ги казнат т.н. непослушни електори кои нема да гласаат по волја на мнозинството избирачи.

Членовите на Електорскиот колегиум ќе се соберат во нивните држави на 14 декември и ќе гласаат за претседател и за потпретседател.

Во случај кандидатот да умре или да се повлече пред да гласаат електорите, работите може да се комплицираат.

Потоа важат законите на одделните сојузни држави, но секоја партија теоретски може да им наложи на своите избирачи да гласаат за алтернативен кандидат.

Конгресот ќе ги потврди изборните резултати на 6 јануари 2021 година, а победникот ќе положи заклетва за претседател на 20 јануари.