Британските власти го потврдија постоењето на новиот вид на коронавирус, откриен за време на студијата за геномот на вирусот кај пациенти од југо-источна Англија. За време на пандемијата ширум светот, беа забележани различни видови, но ова е прв пат да се сугерира дека мутацијата ги променила својствата на вирусот. Досега, присуството на овој вид е потврдено во пет земји.

Светската здравствена организација објави дека овој вид на вирус на корона е изолиран во Данска, Холандија и Австралија.

Италијанското Министерство за здравство објави дека тој е регистриран и во таа земја. Италија откри пациент заразен со нов вид на вирус корона, кој се вратил од Велика Британија. Пациентот и неговата партнерка се вратија од Обединетото Кралство последните денови со лет што слета на аеродромот во Рим во Фијумичино и оттогаш се во изолација, соопшти италијанското Министерство за здравство.

Што се знае досега за новиот сој на вирусот?

Здравствените експерти во Велика Британија сè уште имаат малку информации, но истакнуваат дека се шири многу побрзо од другите соеви на вирусот корона. Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека се шири до 70 отсто побрзо, но научниците сè уште не ги потврдија бројките.

Прелиминарната теорија од британските здравствени власти укажува на тоа дека новиот вид претрпел промени во протеинот кој се наоѓа во шилците на вирусот преку кој тој продира во клетките.

Досега нема докази дека е посмртоносен од другите соеви на вирусот корона.

Во моментов, има само 1.000 случаи на новиот вирус корона кои се регистрирани во Велика Британија – сите во југоисточниот дел на Англија, и сè уште не е познато дали тој се проширил на други делови од земјата.

Италија, Холандија, Франција, Германија, Бугарија, Ирска и Белгија ги откажаа сите летови од Велика Британија. Белгија, која исто така ја прекина директната железничка линија со Лондон, може да го забрани влезот на британските граѓани почнувајќи од 1 јануари. Чешка воведе построги мерки за карантин за луѓето кои пристигнуваат од Велика Британија. Австрија и Шведска исто така размислуваат за забрана за летови.

Лондон ја информираше Светската здравствена организација за новиот вид на Ковид-19, а СЗО најави дека ќе ги информира земјите членки и јавноста за сите информации поврзани со карактеристиките и импликациите на оваа варијанта на вирусот.

Група научници кои ја советуваат британската влада објавија дека овој вид на вирус се ширел експоненцијално и за време на периодот на национално заклучување.