Откако германската влада објави дека рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е отруен со нервен агенс од групата новичок, многумина се запрашаа за што станува збор.

Најистакнатиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин беше префрлен на лекување во Берлин, откако минатиот месец му се слоши додека патуваше со авион до Москва, по враќањето од летниот одмор во Сибир. Од тогаш тој се наоѓа во индуцирана кома, и на апарати за дишење.

Што е всушност навичок?

Тоа е нервен агенс развиен во СССР и на руски значи „новодојденец“ затоа што се однесува на група напредни нервни агенси кои биле развиени во текот на 70-тите и 80-тите години на минатиот век. Познато е и како хемиско оружје од четврта генерација.

Постоењето на Новичок прв го објави хемичарот д-р Вал Мирзаинов, во деведесеттите години во руските медиуми. Подоцна тој избега во САД, каде што ја објави хемиската формула во својата книга „Државни тајни“.

Овие нервни агенси се така дизајнирани за да се избегне откривање од меѓународни инспектори и се дури пет до осум пати повеќе токсични од другите.

Ова е поопасно и пософистицирано средство од саринот или VX и потешко е да се препознае. истакнува професорот Гери Стивенс, експерт за фармакологија од Универзитетот во Рединг.

Колку долго новичок останува во телото?

Додека д-р Мирзајанов вели дека тој не може да остане во крвта со месеци, д-р Владимир Углев, кој тврди дека го измислил овој нервен агенс, вели дека супстанцата е „многу стабилна“ во телото на жртвата.

Новичок не испарува, не се распаѓа во вода, посочува Андреа Села, професор по неорганска хемија на Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Новичок е дизајниран да биде повеќе токсичен од кое било друго хемиско оружје, а симптомите се појавуваат брзо, во рок од 30 секунди до две минути.

Главниот начин на контаминација е преку вдишување или голтање, но може да се апсорбира и преку кожата.

Како и другите агенси, и агенсите од групата новичок дејствуваат така што ги блокираат пораките од нервите до мускулите, предизвикувајќи колапс на многу телесни функции.

Д-р Мирзајнов вели дека првиот знак на отровот е миоза, односно прекумерно стеснување на зениците на окото.

Поголема доза може да предизвика конвулзии и отежнато дишење.

Тогаш започнуваат континуирани конвулзии и повраќање, а потоа и фатален исход, истакнува тој.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *