Повеќето земји во светот се согласија да учествуваат во глобалната шема дизајнирана за дистрибуција на вакцините против вирусот корона по најниски можни цени, рече директорот на Светската здравствена организација.

Планот COVAX значи дека две милијарди дози на вакцината ќе бидат дистрибуирани ширум светот до 2021 година, рече Тедрос Аданом Геберејесус. Програмата има за цел да обезбеди дистрибуцијата на вакцината да биде еднаква и по најниска можна цена.

Како што рече тој, досега 172 земји, кои претставуваат 70 отсто од светската популација, го потпишаа овој план. Тој додава дека меѓународната соработка е клучна за борба против вирусот корона.

Вакцина национализмот му помага само на вирусот. COVAX не само што зависи од државите што аплицирале, туку ги пополнува и клучните недостатоци во финансирањето. Се гледа светло на крајот на овој тунел. Како што реков минатата недела, заедно можеме да успееме – рече тој.

Различни компании ширум планетата работат на вакцина против Ковид-19 од почетокот на епидемијата. Шест потенцијални вакцини веќе ја достигнаа третата фаза на тестирање, според податоците на СЗО.

Русија стана првата земја што ја регистрираше вакцината, но пред да ја заврши третата фаза. Повеќе од 3.500 лица биле тестирани и оваа вакцина не покажала сериозни негативни ефекти.


Напишете коментар