Понекогаш до заклучоци полесно се доаѓа гледајќи ги фотографиите од средбите, отколку да ги слушате изјавите од учесниците на тие средби. Така стојат работите и по посетатта на Заев на Софија. Официјално Заев не отишол во Софија со нов предлог, но ако се гледаат фотографиите од неговите средби во Софија станува јасно дека сепак во главниот град на Бугарија е однесена некоја македонска верзија на нон пејпер.

Од фотографијата од средбата на бугарскиот претседател, Румен Радев и македонскиот премиер, Зоран Заев се гледаат две работи. Прво, во салата на претседателската резиденција во Софија, каде се одржа таа средба, има две фотографии од Константин и Димитар Миладинов, а тоа секој кој се разбира во политика ќе го дефинира како провокација, па дури и намерно омаловажување од бугарска страна. Сепак, браќата Миладинови се дел од тие личности за кои се кршат копјата во историската комисија.

И второ, на работната маса пред Зоран Заев има плава папка. Што ќе рече дека ако на Бојко Борисов, Заев му носел пури, на Корнелија Нинова и однесе рози, тогаш кај Радев беше отиден со некаков предлог. Каков, тоа се уште никој не кажува до крај.

И на втората фотографија, таа од средбата со премиерот на бугарската техничка или службена влада, Стефан Јанев се гледа истата плава папка пред Зоран Заев. Има папка и пред Стефан Јанев. Што значи дека се разговара за некакви модалитети.

Нема многу варијанти во прашање. Останати се само три опции. Што од тоа ќе се случи ќе видиме за четири дена.

Прво, Бугарија да не го тргне ветото на 22 јуни кога ќе заседава советот за општи прашања на ЕС, кој треба да го подготви заседанието на Европскиот Совет на 24 и 25 јуни.

Второ, Бугарија да го тргне ветото но за тоа да донесе одлука идниот бугарски Парламент.

Трето, Бугарија да констатира дека се направени чекори кон решение на проблемите но за тоа да расправаат идната бугарска влада и идното бугарско собрание.

Ако ги читате меѓу редови изјавите на бугарските политичари тогаш станува јасно дека Радев смета дека идната влада и идното собрание треба да ја донесат одлуката. Бојко Борисов смета дека сегашната влада треба да ја донесе одлуката, а таа одлука да биде гласана од идното бугарско собрание по изборите во јули.

Но, никој не сака да каже дека ќе стават вето, туку се вадат на процедура бидејќи сите ги чекаат избори. Радев претседателски избори на кој сака да победи, а останатите јулските парламентарни избори на кои не сакаат да се замерат со Америка и со дел од клучните држави на ЕУ.

Единствено шоуменот Слави Трифунов порачува дека Заев преговара со луѓе кои ништо не значат.