Вчерашните поразителни бројки од 52 новозаболени и четири починати пациенти од корона вирусот покажуваат дека војната со опасниот корона вирус ни од далеку не е завршена. Ако пред месец и пол надлежните ни зборуваа дека сме влегле во најкритична фаза, а пред недела дена дека првата битката е добиена, новото загрижувачко ширење на опасниот вирус сето тоа го направи само празни зборови.

Едно време го чекавме пикот, па го прогласија за поминат, ама еве пак сега за пик зборуваат граѓаните. Педесетина новозаболени за еден ден по тримесечни големи ограничувања и многу работа на медицинските лица во болниците е навистина алармантно и загрижувачко.

Една ситуација беше кога вирусот се ширеше пред три месеци и кога на почетокот соодветно се ограничи движењето, се затворија училиштата, кафани, угостителски објекти, детски градинки, а друга кога при крајот на ваквите мерки се опуштија и надлежните институции и граѓаните па почнаа непочитувањата и лесните играња со мерките.

И сега како што обично бива во Македонија, почнаа среде криза расправите, дали грешеле тие кои ги димензионираа и менуваа мерките или грешката е кај оние кои ги надгледуваа нивните спроведувања или кај оние кои требаше да го почитуваат.

Министри почнаа да се обвинуваат меѓу себе. И никој во ваквата расправија не наоѓа вина во самиот себе туку секогаш во некој друг.

Туку, не смее оваа расправа да не оддалечи од барањето решение на проблемот. А решението пред се е граѓаните да ги почитуваат постојните мерки. Тоа е за општо добро и секако за здравје на секој еден граѓанин.

Вирусот не опомена. Сега ние треба да избереме – почитување на мерките или карантин. Во спротивно пак за „ПИКОТ“ ќе слушаме. И секако за празните препукувања кој е виновен за тоа.


Напишете коментар