Американската држава Тексас објави дека поднела тужба до Врховниот суд против државите Џорџија, Мичиген, Пенсилванија и Висконсин. Аргументот е дека промените што ги направија во изборните процедури среде пандемијата на коронавирусот се нелегални, објави Ројтерс. Веста ја објави јавниот обвинител на Тексас, републиканецот Кен Пакстон.

Во некои спорови меѓу државите, тие имаат право да поднесат тужба директно во Врховниот суд, каде конзервативците сега имаат мнозинство од 6 спрема 3 гласа и во кои тројца судии беа назначени од претседателот Трамп.

Врховниот суд не е должен да го разгледа случајот, што претставува последен правен напор насочен кон пресврт во исходот на претседателските избори на 3 ноември, во корист на Доналд Трамп. Бајден победи во четирите погоре споменати држави. Персоналот на предизборната кампања на Трамп и неговите сојузници поднесоа тужби во секоја од тие држави со образложение дека има големи изборни измами без да се обезбедат докази за да се поткрепат нивните тврдења. Овие потези не беа успешни.

Тужбата поднесена од републиканците од страна на државата Тексас ги обвинува официјалните лица од четирите сојузни држави дека не го заштитиле поштенското гласање од измама.

Официјални лица изјавија дека не нашле докази за таква измама што би го променила резултатот од гласањето.

Државата Тексас сака Врховниот суд да го блокира пребројувањето на гласовите на електорите од четирите држави во Изборниот колеџ. Вкупниот број на овие електори е 62.

Според резултатите од изборите на 3 ноември, Бајден има поддршка од 306 електори во колегиумот, што е повеќе од 270 гласа што му требаат да победи на изборите. Трамп има 232 електори. Бајден исто така освои седум милиони гласови повеќе од Трамп на национално ниво. Сепак, електорскиот колегиум е тој што го избира претседателот.

Тужбата во Тексас исто така го повикува Врховниот суд да го одложи рокот до кога колегиумот може да избере нов претседател. Сега тој рок е 14 декември.