Шефот на германската воена разузнавачка агенција Кристоф Грам ќе биде сменет, додека германските власти ги интензивираат своите напори за искоренување на десните екстремисти во армијата, пренесува Асошиејтед прес.

Во соопштението на германското Министерство за одбрана се наведува дека министерот Анегрет Крамп-Каренбауер одлучилa да го замени Грам, а наскоро ќе биде донесена одлука за неговиот наследник.

Грам ја раководи германската воена разузнавачка агенција од јануари 2015 година. Министерството за одбрана му ги припишува заслугите за иницирање реформи и подобрување на работата на агенцијата.

Министерот Крамп-Каренбауер и Кристоф Грам се согласија дека следната фаза на модернизација ќе бара кадровски промени, а одлуката на министерот да го замени досегашниот шеф на германската воена разузнавачка агенција беше донесена со негова согласност.