Поранешниот гувернер на Калифорнија, славниот актер Арнолд Шварценегер со јавна објава на социјалните мрежи го искажа неговиот став за моменталната состојба во САД и упадот во Капитол Хил. Шварценегер смета дека американскиот претседател Доналд Трамп е неуспешен лидер кој во историјата ќе остане запаметен како најлошиот лидер на САД.

Шварценегер е републиканец како и Трамп, но во видеопораката на социјалните мрежи изјави дека е задоволен што мандатот на Трамп истекува за неколку дена. Тој повика на државно единство и најави поддршка за новиот претседател, демократот Џо Бајден.

Упадот во Капитол Шварценегер го спореди со нацистите, тој изјави дека „средата била Кристална ноќ во  САД“. Нацистите во Германија и во Австрија во 1938 година ги вандализирале еврејските домови, училишта и дуќани во текот на нападот наречен „Кристална ноќ“ (Ноќ на скршено стакло).

„Скршено е стаклото на прозорците на Капитол. Но, толпата не ги скрши само прозорците, туку и идеите кои ги зедовме здраво за готово. Ги згазија принципите на кои е основана нашата земја“, изјави Шварценегер во видеопораката.

Шварценегер, роден во Австрија, ја спореди крајно десничарската американска екстремистичка група Proud Boys со нацистите. Некои од лидерите на таа организација се уапсени во Вашингтон пред и по нередите во средата.

„Оние кои мислат дека можат да го урнат Уставот на САД, знајте го ова, никогаш нема да победите“, порача актерот.