Шведската влада предложи закон што ќе овозможи затворање на компании и казнување на оние што ги прекршуваат мерките воведени поради ковид-19. Предлогот беше даден откако претходно официјалните лица изјавија дека стариот модел за борба против вирусот не успеал. Доколку парламентот го усвои овој закон, тој ќе стапи на сила на 10 јануари и ќе важи до септември 2021 година.

Во многу сериозни ситуации, владата ќе може да донесе одлука за пообемни мерки за да се спречи создавање гужва. Тоа вклучува затворање на продавници, јавен превоз, трговски центри или други видови деловни активности што се опфатени со овој закон – рече министерката за здравство Лена Халенгрен.

Законот ќе и даде на власта овластување да затвори разнични претпријатија, вклучително и ресторани и спортски сали, и да воведе полициски час и други ограничувања поврзани со вирусот корона, пренесува РТ.

Законот, исто така, ќе им овозможи на службените лица да ги ограничат јавните собири на градските плоштади, парковите и плажите. Тие што ќе го прекршат правилото може да бидат казнети со 4.000 круни (484 американски долари).

Халенгрен изјави дека владата ќе избере „соодветни“ мерки во зависност од ширењето на инфекцијата и другите поврзани околности.

Предложениот закон претставува промена во шведската политика кон епидемија на коронавирус. Од раните денови на пандемијата, земјата во голема мера се потпираше на доброволно социјално дистанцирање, наместо на обемни блокади и построги ограничувања наметнати во другите европски земји.

„Шведскиот модел“ предизвика интензивна дебата дома и во странство. Владата тивко призна дека се потребни поостри мерки против вирусот.

Мислам дека не успеавме. Имаме голем број смртни случаи, и тоа е страшно – рече шведскиот крал Карл Густав ХVl откако бројот на смртни случаи од ковид-19 надмина 7.000.