По барање на тогашниот премиер, Никола Груевски и на тогашниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, се случувало од мене да се побара некои лица и компании да ги вклучам во бизнисите, рече Сиљан Мицевски на денешното продолжување на судењето во случајот Талир.

Кирил Божиновски ми рече да го вклучам Трансмет за ископ на јаглен во Битола, рече Сиљан Мицевски.

Трансмет е фирма на Сеат Кочан кој беше судски гонет и во еден период се наоѓаше во бегство надвор од Македонија. Во врвот на неговата моќ се споменуваше како еден од главните финансиери и сопственици на затворената ТВ Нова. Кочан важеше за човек од доверба на Никола Груевски.

Случајот Талир е за незаконск,о финансирање на партијата ВМРО ДПМНЕ. Тој случај беше покренат од поранешното Специјално Јавно Обвинителство.Случајот го води обвинителката, Ленче Ристовска. Според обвинението се работи за незаконско финансирање на ВМРО ДПМНЕ и перење пари во вредност од пет милиони евра.

Обвинението за незаконско финансирање на ВМРО ДПМНЕ ги терети поранешниот Претседател на владата и на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски кој сега ужива политички азил во Унгарија. Освен Груевски. дел од обвинението се и Кирил Божиновски, поранешен генерален секретар на владата и на ВМРО ДПМНЕ, како и поранешниот министер за транспорт и врски и член на Извршниот Комитет на ВМРО ДПМНЕ, Миле јанакивски.

Сите тие се товарат со обвинение за злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари и други приноси од казниво дело.

Сиљан Мицевски, директор на ГП Пелистер од Битола на денешното рочиште директно ги обвини Груевски и Божиновски. Мицевски беше категоричен во ставот дека на поранешниот премиер му Груевски има однесено 10 илјади евра, а дека исполнувал и други барања на Никола Груевски и Кирил Божиновски.

Во овој случај поранешниот пратеник Илија Димовски и Леко Ристоски се обвинети за перење пари и други приноси, а обвинетата Елизабета Чингаровска ја призна вината. Исто така, самата партија ВМРО ДПМНЕ е обвинета за перење пари и други приноси во рамките на случајот Талир.

Денес сведочеше и поранешниот директор на ЕЛЕМ и член на Извршниот Комитет на ВМРО ДПМНЕ, Влатко Чинговски. Тој го обвини Кирил Божиновски дека од него барал да бидат фаворизирани некои компании во врска со бизнисите во Битола. Јас тоа го одбив, рече Чинговски. Потоа бев повикан од премиерот Никола Груевски кој ми рече дека ќе бидам сменет од функцијата.