Секој 10-ти жител на ЕУ барал пари од пријателите за време на пандемијата, а најнезадоволни се Италијаните.

Дури 69 проценти од испитаниците во истражувањето на Европскиот парламент повикаа на посилна улога на ЕУ во решавањето на пандемијата со корона вирусот.

Дури 58 проценти од анкетираните граѓани на Европската унија велат дека имале финансиски потешкотии за време на пандемијата со вирусот корона.

Жителите на Унгарија, Бугарија, Италија, Грција и Шпанија најмногу пријавиле финансиски проблеми, додека Данците, Холанѓаните, Швеѓаните, Финците и Австријците доживеале најмалку проблеми за време на пандемијата, според студијата на Европскиот парламент.

Анкетата на Европскиот парламент спроведена од почетокот на пандемијата до крајот на април 2020 година покажува дека граѓаните на ЕУ кои пријавиле финансиски проблеми најмногу се жалеле на загуба на приход (30 проценти), невработеност или делумна невработеност (23 проценти), неможност за плаќање кирија или заеми (14 проценти) додека девет отсто од нив проценија дека имаат проблеми со купување „храна за пристоен живот“.

Еден од 10 жители на ЕУ кои се соочија со финансиски проблеми за време на пандемијата, побарале финансиска помош од семејството или пријатели, а три проценти изјавиле дека се соочуваат со банкрот.


Напишете коментар