И покрај критиките од опозицијата, Ердоган продолжува да гради милионски градежни проекти. На брегот на езерото Ван, тој изгради кралски дворец, кој потсетува на палатата на селџучкиот султан Кеикубад од 13-от век. Според турската влада, палатата се наоѓа точно на местото каде Алп Арслан, султанот на Турците Селџуци, подигнал шатор пред битката кај Манзикерт, во која Селџуците ја победиле Византиската империја во 1071 година.

Токму поради годината на битката, палатата на Ердоган ќе има површина од 1.071 квадратни метри. Турските медиуми јавуваат дека изградбата досега проголтала 14 милиони евра, иако турската влада првично планирала трошоци од 3,5 милиони. Според истите тврдења, градежниот претприемач е училишен колега на Ердоган, пишуваат турските медиуми.

Уставниот суд ја запре изградбата на палатата пред една година затоа што таа спречувала јавен пристап до крајбрежјето, но владата ја заобиколи пресудата со измена на законот. „Тие можат да стојат на главите, но палатата ќе се гради“, пркосно одговори Ердоган.

Во август Ердоган одржа свечен говор во Ахлат на брегот на езерото Ван на годишнината од битката кај Манзикерт. Потоа се упати кон блиската палата и симболично ја помина ноќта таму.

Покрај оваа резиденција, Ердоган гради и летна резиденција во близина на Мармарис на медитеранскиот брег. Според извештаите на турските медиуми, проектот е исто така екстремно скап и не ги зема предвид еколошките стандарди. Палатата со 300 соби досега чинеше 37 милиони евра. Исечени се 50 000 дрвја.

Друга раскошна палата е изградена во 2014 година. Таа е официјална резиденција на Ердоган во Анкара. Чинеше половина милијарда евра и тие ја изградија среде природно подрачје кое е заштитено со закон. И тогаш опозицијата жестоко ја критикуваше градбата, но сето тоа беше залудно.

Раскошните палати на Ердоган, како и многу други градежни проекти во последниве години, значително се разликуваат од типичните монументални градби од времето по основањето на Републиката во 1923 година. Тие се јасно архитектонско поклонување и величање на селџучко-османлиското минато.