Албанскиот премиер, Еди Рама го критикуваше министерот за здравство на Германија, кој тврди дека посетите на семејства во Турција и на Балканот довеле до зголемување на бројот на новоинфицирани лица во Германија.

Скандалозно е што германскиот министер јавно го обвинува Балканот и со тоа ги понижува луѓето со мигрантско потекло, изјави Еди Рама за германски Билд.

Тој рече дека германскиот министер за здравство треба да се погрижи за вакцинирање на германското население, а не за презентирање на стереотипи за Балканот, со цел очигледно, според Рама, да го брани својот лош биланс.

Нема да дозволам Албанија да биде претставена како ризичен регион за туристите. Нема бројки што го докажуваат тоа, нагласи Рама.

Германскиот министер Јенс Шпан за Билд ам Зонтаг изјави дека патувањата во странство, честите посети на семејства во Турција и на Балканот, предизвикале околу 50 проценти нови инфекции и дека тоа мора да се спречи оваа година.