Скоро петстотини воени службеници и експерти за национална безбедност, вклучувајќи и некои кои работеа за американскиот претседател Доналд Трамп, потпишаа отворено писмо за поддршка на демократскиот кандидат Џо Бајден.

Во писмото објавено во четвртокот се вели дека сегашниот претседател покажал дека не е дораснат на огромните одговорности на својата функција.

Официјалните лица исто така пишуваат дека Бајден има искуство и мудрост потребни за водење на Америка низ овој болен период.

Ние сме поранешни јавни службеници кои својата кариера ја посветивме и во многу случаи ги ризикувавме своите животи за САД. Ние сме генерали, адмирали, амбасадори и шефови на цивилни агенции за национална безбедност, се вели во нивното писмо.

Ние сме републиканци, демократи и независни. Ја сакаме нашата земја. За жал, се плашиме за нејзината иднина.

Меѓу потписниците на писмото е и еден од поранешните воени советници на Трамп, пензионираниот генерал Пол Селва, кој работеше за сегашниот претседател до јули 2019 година.

Писмото е објавено еден месец по контроверзниот напис во американскиот магазин Атлантик во кој се тврди дека Трамп ги нарекол „губитници“ Американците кои загинаа во конфликтите.

Во средата, Синди Мекејн, вдовицата на поранешниот републикански сенатор и претседателски кандидат Џон Мекејн, го наведе токму тој напис како причина за нејзината поддршка за Бајден.

Демократскиот кандидат Бајден беше поддржан од голем број републиканци пред изборите на 3 ноември, како што е Колин Пауел, поранешниот државен секретар во мандатот на Џорџ В. Буш, поранешниот гувернер на Охајо, Џон Касич и поранешниот директор за комуникации на Трамп, Ентони Скарамучи.