Извор: СпортскаМрежа.МК

Ракометната репрезентација на Македонија со пораз ја стартуваше главната фаза на Светското првенство во Египет, откако доживеа убедлив пораз од Словенија со 21:31. Словенците на денешниот натпревар важеа за големи фаворити, а фаворитската улога беше оправдата со убедлива победа, со голема борбеност, концентрација, добра одбрана и сигурен напад во однос на нашите ракометари

Во првите 20 минута од натпреварот македонските ракометари беа рамноправни со словенците, а потоа противникот започна да го зголемува водството. Селекторот Брестовац не можеше да смета на Цветан Кузмановски кој се пожали на повреда, па неговото место го заседе Серафимов, кому денешниот натпревар му беше прв во Египет. Иако со болки, Танкоски, Крстевски и Димитриоски собраа сили и настапија на денешниот дуел со словенците.

Македонија на почетокот од првото полувреме имаше највисока предност од два гола, но одличната игра на противникот го сврте резултатот и на полувреме Словенија имаше четири гола предност при 9:13.

Во вториот дел од натпреварот Словенија играше квалитетно и моќно, а Македонија немаше сили да се спротивстави и разликата растеше постојано до највисока +10 при конечниот резултат од 21:31.

Капитенот Лазаров беше најдобар во нашите редови кој постигна пет гола, а по три гола постигнаа Кузмановски, Талески и Танкоски. Кај Словенија најдобар беше Гајиќ со седум гола.

Македонија во петок ќе игра со селекцијата на Русија, додека во последниот натпревар ќе играме со Белорусија.