Словенија се наоѓа во црната фаза на пандемијата. Заклучно со денешниот ден има вкупно заразени 81.349 лица, денес се заразени 1783 лица, денес почнинаа 45 лица, а од почетокот на пандемијата од ковид-19 вкупно починале 1.592 лица.

Институтот Јожеф Стефан од Љубљана подготви нова прогноза или модел според кој првата пресвртница за олабавување на мерките може да се постигне на 19 декември. Ова би се случило доколку бројот на репродукција остане како што е моментално. Според овој модел, помалку од 600 хоспитализирани лица, односно зелената фаза, ќе се достигне на 2 февруари.

Денес владата претстави план за олабавување на мерките. Според бројките, Словенија е сега во црна фаза, така што сите мерки продолжуваат да се применуваат. Кога бројот на хоспитализирани ќе падне под 1.350 во просек за седум дена, а во болниците има помалку од 1.200 лица, првите чекори ќе бидат ослободување на јавниот и грсдскиот превоз на патници од ограничен обем, отворање музеи, библиотеки и галерии и фризерски и салони за убавина.

Инфектологот Бојана Беовиќ, која го предводи владиниот стручен тим за Ковид-19, изјави дека, и покрај најстрогите мерки што се во сила во Словенија веќе еден месец, вториот бран на епидемијата не стивнува, иако некои земји како Австрија успеаја само во неколку недели да стават ред по воведувањето на строги мерки.

Според неа, тоа е, меѓу другото, резултат на постојана „полемика“ околу целесообразноста на мерките, што ја форсираат медиумите и дел од јавноста, што резултира со намалување на претпазливоста и придржувањето кон мерките.

Како што деновиве пишуваат медиумите, Беовиќ пријавила анонимни закани до полицијата, кои и биле испратени по електронска пошта поради нејзината работа во експертскиот тим, а истото го сторил и друг член на владината експертска група.

Словенија и Хрватска беа меѓу најдобрите во првиот бран, навистина многу добри. Тие реагираа многу брзо и имаа предност, повеќе време отколку Австрија или Швајцарија, кои брзо го добија вирусот од Италија. Поради ова, тие беа во можност брзо да реагираат, вели Андреј Трампуж, словенски инфектолог кој е сега шеф на одделот за инфектологија на најголемата и најпозната германска болница, клиниката Шарите од Берлин и додава:

Но, тоа е парадокс на оние кои не ја видоа опасноста размислувајќи, бидејќи беа многу успешни во првиот бран, што не беше толку сериозно. И тогаш тие не беа подготвени за вториот бран кој е секогаш поопасен. Така беше и со шпанскиот грип, како и со другите пандемии. Бидејќи, во првиот бран, вирусот се шири насекаде, и кога ќе дојде зимата и луѓето ќе се затворат, тој почнува да доаѓа од секаде, нема повеќе изолирани жаришта туку го има на сите места. И тоа им се случи на тие земји. Беа многу самоуверени и неподготвени, вели тој.