Под строги здравствени и безбедносни протоколи помина отворањето на 60-то Охридско лето. Претседателот Стево Пендаровски, кој го отвори фестивалот рече дека годинава големиот јубилеј е засенет од глобалниот предизвик со кој сите се соочуваме.

„Историјата сведочи дека во кризни времиња културата не умира, напротив, раѓа поинакви формати за понатамошно опстојување. Да се организира „Охридско лето“ во услови на Ковид-19 не е воопшто лесно, но е апсолутно неопходно“, рече Пендаровски.

Министерот за култура рече дека е восхитувачки да се живее во земја каде што културните настани се постари од просечната возраст од мнозинството граѓани.

„Ова е прашањето за кое дозволете ми да констатирам дека секој друг културен настан, не само во нашата земја, би бил љубоморен на овој фестивал“, изјави Хисни Исмаили-министер за култура.

Во Охрид за август беа најавени и повеќе други концерти на домашни и балкански музички изведувачи. Двата концерти закажани за 7 и 8 август на градскиот стадион нема да се одржат, бидејќи  организаторите не можеле да гарантираат  дека во целост ќе се испочитуваат здравствените протоколи.

„Настаните кои се планирани да се организираат на отворени простори, како стадиони и друг вид отворени простори, каде публиката треба да стои, ние досега ги спречивме. И ќе настојуваме тие да не се одржат од причина што кога публиката стои е многу голема веројатноста да не се држи дистанца“, рече Цветко Ристески-пазарен инспекторат Охрид.

Инаку Охридско лето беше отворен со концерт  во чест на основоположникот на фестивалот, Ана Липша Тофовиќ. Годинава фестивалот ќе помине во знакот на домашните уметници, но ќе настапат и бројни изведувачи од 19 држави. На 15 август ќе настапи Петрит Чеку на гитара од Албанија, а на  26 август, Викена Каменица, мецосопран и Мерита Реџа Тершана, на пијано од Албанија.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *