Претседателот на САД, Доналд Трамп е позитивен на коронавирусот. Тој има лесни симптоми, но вечерва беше пренесен во болница, од каде ќе ги извршува своите должности во следните неколку дена. Неговата сопруга Меланија, која исто така има лесни симптоми на болеста, е позитивна на коронавирус.

Противникот на Трамп на претседателските избори, Џо Бајден исто така беше тестиран, но неговиот резултат беше негативен. Сите активности на Трамп во претседателската кампања се засега одложени поради болеста.

Според извештајот на Белата куќа, цитиран од Си-Ен-Ен, Доналд Трамп е упатен во болницата Валтер Рид. Хеликоптер „Марин оне“ слета на тревникот во Белата куќа за да го пренесе претседателот во болницата. Како претпазливост, и по препорака на лекари и медицински експерти, Трамп ќе работи од претседателската канцеларија во болницата Валтер Рид во следните неколку дена, соопшти Белата куќа.

Доналд Трамп има треска од утрово, изјави за Си-Ен-Ен лице запознато со ситуацијата, додавајќи дека претседателот има лесни симптоми на коронавирус. Лекар од Белата куќа ја опиша состојбата на Трамп велејќи дека тој е „уморен“.

Си-Ен-Ен исто така известува дека Трамп добил доза на Регенерон како мерка на претпазливост. Тоа е коктел со антитела, лек што е во клинички испитувања, но сè уште не добил одобрување од регулаторот. Покрај тоа, тој исто така зема цинк, витамин Д, фамотидин, мелатонин и аспирин.

Првата дама Меланија Трамп има главоболка и малку кашла, а остатокот од Првото семејство се чувствува добро и е негативно на коронавирус.